„Беса Транс“, преку објава на Фејсбук страницата, ги отфрли наводите во јавноста и некои медиуми дека во автобусот кој изгоре во трагедијата што однесе 45 човечки животи имало дополнителни колични нафта и се шверцувале пиротехнички средства.
„Како агенција ја известуваме целата јавност, семејствата на загинатите и повредените во трагичниот случај, дека автобусот во никој случај немал багаж за шверц на бензин, нафта или пиротехнички средства“, се вели во објавата на Фејсбук страницата на „Беса Транс“.
Според агенцијата, сите овие шпекулации служат за злонамерни цели и дека одредени страни се обидуваат да ја искористат настанатата трагедија.
„Вкупниот капацитет на автобусот бил 450-500 литри дизел за користење од самиот автобус, а во никој случај немало резервен резервоар за шверцерски цели, уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации и уште повеќе да ги повредуваат семејствата, но и затоа што тоа го попречува истражниот процес кој и официјално е објавен, најситните детали ги очекуваме од истрагата“, се вели во соопштението на „Беса Транс“.
Инаку, на агенцијата денес и беше одземена лиценцата за работа од страна на Министерството за транспорт и врски.
Ц.Д