• Latest
Фатмир Битиќи (фото: А. Мехмети / ЦИВИЛ)

Битиќи за НОВА: Ако Владата одлучи да го игнорира или сопре ИФМИС, тоа значи дека одбива внатрешна контрола, не сака автоматизација на системите, а уште помалку сака јавноста да знае како и каде се трошат парите

June 23, 2025
Фото: МНРиНТ

МНРиНТ: Граѓаните да не патуваат на Блискиот Исток, ќе се евакуира уште едно македонско семејство од Израел

June 23, 2025

Кон обновата на Украина

June 23, 2025
Фото: Креирано со помош на ВИ

Маратонците го трчаат почесниот круг – „во цветот на староста“ ќе ги спасуваат Македонците од геноцид

June 23, 2025

(ИЗБОР) Албански медиуми: Ниту по 36 обиди не се конституира косовското собрание; На северот на Косово запленето оружје кај лидерот на „партијата за српска демократија“, полицијата трага по него; Во Њујорк се одржа парада на Албанците

June 23, 2025

ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за операцијата на САД во Иран?

June 23, 2025

Богојески ја отстранува „родовата идеологија“ од Еразмус+ и ЕСК

June 23, 2025
Фото: украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир/ Х

Амбасадорката Дир: Кијив – уште една ноќ на терор, ракети и дронови од рф погодија станбени згради и болници, под урнатините има луѓе

June 23, 2025
Фото: Амбасада на ОК во Северна Македонија

Специјалната претставничка на ОК за Западен Балкан, дама Карен Пирс: Обединетото Кралство ја зајакнува регионалната соработка во Западен Балкан

June 23, 2025

Една година Влада, премиерот Мицкоски вели – чуда не се можни преку ноќ, но најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат

June 23, 2025

ГРАЃАНСКИ ФОРУМ (РЕАКЦИИ): Да престанат да се однесуваат како да ги донеле институциите од дома, отчетност и транспарентност, референдум за стратешки одлуки – им порачаа граќаните на властите

June 23, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ПОЛИТИКА

Битиќи за НОВА: Ако Владата одлучи да го игнорира или сопре ИФМИС, тоа значи дека одбива внатрешна контрола, не сака автоматизација на системите, а уште помалку сака јавноста да знае како и каде се трошат парите

June 23, 2025 14:04
in ВЕСТИ, ЕКОНОМИЈА, ПОЛИТИКА
Фатмир Битиќи (фото: А. Мехмети / ЦИВИЛ)

Фатмир Битиќи (фото: А. Мехмети / ЦИВИЛ)

Share on FacebookShare on Twitter

Да сум сега во позиција да носам одлуки, би почнал токму од таму, целосна активација на надзорните механизми, со засилен инспекциски надзор, транспарентност на трговските услови и конкретни санкции за злоупотреба на пазарна моќ. Дополнително, би вовел временски прецизна и целна поддршка за домашните производители, како и обврска за објавување на реалните трошоци за основните продукти, а со цел да се спречат скриени маржи, вели пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во интервју за НОВА.

Нова: Како пратеник но и како експерт, често јавно реагирате на актуелните владини економски, социјални и посебно финансиски политики, накусо, каде ги лоцирате највпечатливите грешки во спомнатите три области?

Битиќи: Суштински сметам дека највпечатливата грешка на оваа влада е што ја изгуби врската меѓу политиката и реалниот живот. Се напушти моделот на економија која создава можности, гледаме ад-хок мерки и политики кои не сезасновани системски. Економијата ја губи својата динамика, резултатите кои се испорачуваат не се посакуваните. Системскиот пристап е изоставен, без чувство за време и последици.

Во социјалната сфера, како социјалдемократ за мене најболно е тоа што државата повеќе не е сојузник на ранливите и на работниците. Социјалниот дијалог е парализиран, синдикатите се игнорирани, трипартитниот модел на дијалог за унапредување на правата на работниците е напуштен. Темата за зголемување на минималната плата институционално не се дискутира и се бега од одговорноста – како од Владата да не знаат дека за поголемиот број на приматели на минимална плата тие се работодавачи. Имаме молк, кој оди во прилог на бизнис интересите. Граѓаните со најниски плати се оставени да го преживуваат месецот. А цените не ја следат пасивноста на Владата, тие се посебно динамични, активни. Минималната плата во март се зголеми за 1.812 денари, а вредноста на потрошувачката кошница во април во однос на март се зголеми за 836 денари, додека пак во мај во однос на март се зголеми за дополнителни 1.217 денари. Доволни беа два месеци за растот на трошоци да го надмине растот на минималната плата. Сега потребни се 2,62 минимални плати од 24.379 денари за да се покрие потрошувачката кошница од 63.908 денари.

Во финансиската политика, најголемиот проблем е нетранспарентноста. Задолжувањата се прават без јасна стратегија и без јавна анализа за нивната исплатливост. Буџетот е повеќе маркетиншка платформа отколку инструмент за развој. Јавниот долг расте, капиталните инвестиции доцнат, а Владата тоа го прикажува како „редовна реализација“. Кога институциите ќе почнат да работат со отчетност, предвидливост и одговорност тогаш ќе можеме да зборуваме за финансиска политика. До тогаш, гледаме само управување на привремена удобност на владејачката гарнитура и штитење на нечиј интереси, кои не се усогласени со интересите на јавноста.

Нова: Повратот на ДДВ-то, исто така, предизвикува полемики но стопанствениците главно се тивки, реагирате Вие, има ли селективна политика на оваа тема и појава?

Битиќи: Да, постои селективност и тоа не е само технички проблем, туку симптом на недостиг на вредносна ориентација и институционална култура. Кога не се гради систем и се владее преку исклучоци и импровизации, тогаш селективноста станува потпис на Владата. Повратот на ДДВ-то не смее да биде прашање на „кого познаваш“ или „колку си гласен“, туку обврска на државата која мора да биде правична и предвидлива, а заснована на еднаквост.

Фактот што компаниите молчат не значи дека нема проблем,  тоа зборува дека немаат доверба дека ќе бидат заштитени ако прозборат. И тоа е уште поопасно. Кога стопанството тивко ја трпи неправдата, а државата ја третира обврската за поврат на ДДВ како политичка услуга, тоа го нарушува основниот економски поредок и создава несигурност. И тоа го чувствуваат сите: и оние кои денес се „повластени“ и оние кои системски се игнорирани. А, кога атмосферата не произлегува од систем туку од политички калкулус, тогаш владеењето со привилегии ја заменува правичноста. Токму и затоа гласно реагирам, затоа што одговорноста бара да не молчиме кога институциите стануваат алатки за селективна правда, дури и во економијата.

Нова: Министерката за финансии Ве предизвика да го повторите тврдењето за подобни и неподобни фирми за поврат на ДДВ, за списоци од партиски штабови надвор од имунитетната собраниска говорница, ќе одговорите ли на предизвикот?

Битиќи: Мојот став го изнесов таму каде што и всушност припаѓа, во Собранието, пред граѓаните и во рамки на уставните надлежности што ги имам како пратеник. И да, ќе го повторам таму секогаш кога ќе оценам дека има однесувања кои водат кон селективност, непринципиелност или нарушување на економската правичност. Јас сакам институционален одговор.

Не водам политика на прес-конференции и надвор од институциите. Сакам дебата во Собранието, пред очите на јавноста, каде што зборот има тежина, а одговорноста е видлива. Затоа и не одговарам на политички сценарија што се надвор од оваа рамка, а тоа го правам затоа што верувам во институционална култура. А токму тоа е она што ни недостасува: способност да водиме суштинска дебата во институциите, а не да ги користиме институциите само кога ни одговара.

Видете, секој политичар има одговорност да вложува вредносен напор политиката да ја обликува како арена на институционална зрелост. Ако денес се повикуваме на етички принципи, тоа мора да важи за сите – и за мене како пратеник и за министерката како носител на извршна функција. Доколку има сериозна намера да се расчистат сите дилеми, повторно нека повели во Собранието. Таму ќе ги поставиме прашањата, ќе ги погледнеме фактите и ќе разговараме во име на јавниот интерес, а не од партиски штабови, не со медиумски настапи, туку низ институционален механизам кој обезбедува одговорност. Дијалогот мора да има форма, протокол и вредносна тежина. Затоа сум пратеник, за да го поттикнувам тој дијалог. Токму затоа нема да прифатам улога на политички полемичар за системски проблеми надвор од Собранието.

Нова: И според Вашето искуство како министер, дали законот за ДДВ доволно ги штити компаниите или треба реформа во механизмите за поврат и во која насока?

Битиќи: Законот за ДДВ, во својата форма, нуди солидна правна рамка. Тој содржи механизми кои, ако се применуваат доследно и правично, можат да обезбедат фер третман за сите компании. Но искуството ме научи дека не е доволно да имате добар закон, потребно е да имате политичари, односно носители на јавни функции кои го почитувааат. Најголемиот проблем е во примената. Може да постои најдобро решение на хартија, но ако институциите што се должни да го спроведат не го прават тоа навремено, доследно и правично, тогаш тој закон не штити никого, туку само ја одложува неправдата.

Проблемот не е само технички, туку вредносен. Неопходна е вредносна реформа во политичката култура, во разбирањето дека институциите постојат за да ѝ служат на економијата, а не обратно. Доколку има доцнења во повратот на ДДВ, ако има селективност во третманот на компаниите, тогаш ниту најдоброто законско решение не може да ги амортизира тие последици. Тоа создава несигурност, ја нарушува ликвидноста на фирмите и ја поткопува довербата во државата како партнер. Значи политичката култура е таа која ги штити или не компаниите, а не законските решенија. Таму лежи изворот на проблемот, се’ друго е системска последица.

Нова: Сепак, нема година и нема Влада во чие време оваа тема, повратот на ДДВ, не ги крева тензиите поради злоупотреби, лажни фактури, штети врз буџетот, накусо, криминал, па до законот е, до контролите на УЈП или до криминалците во некои од компаниите?

Битиќи: Кога на економијата ќе гледаме како на интегрален и суштински дел од нашето општество, тогаш ќе разбереме дека таа не е само прашање на бројки, туку огледало на вредносниот систем. И токму тука е одговорот, проблемите со повратот на ДДВ не се само прашање на закон, контроли или индивидуални злоупотреби. Тие се симптом на подлабоко нарушување во системот на доверба, отчетност и институционален интегритет.

Да, има обиди за злоупотреба. Има и компании кои со лажни фактури го оштетуваат буџетот и тоа секако дека е недозволиво. Но прашањето е: Каде е државата? Каде се контролите? Каде е системот што треба да ги спречи таквите практики, а не да реагира само кога ќе настане штета?

Не е доволно да постои закон ако неговото спроведување зависи од волјата на политичарот или од дневната инструкција до УЈП. Не е доволно да се фати еден прекршител, ако другите остануваат недопирливи. Кога системот функционира само во делови , фрагментирано, тогаш и најдоброто правило се претвора во алатка за селективна правда.

Во суштина, виновни се сите што го одржуваат овој модел: и тие што го кршат законот и тие што го толерираат и тие што го спроведуваат селективно. Затоа, мора да ја смениме перспективата, не е доволно да се бориме против криминалот кога ќе излезе на површина. Треба да изградиме систем што ќе го спречува пред да се случи. Но тоа бара политичка волја, вредносна зрелост и институции кои не се плашат да го спроведат законот, секогаш, за сите.

Нова: Какви последици ќе има запирањето на информатичкиот проект ИФМИС за кој велите дека актуелната власт го игнорира?

Битиќи: Запирањето на проектот ИФМИС е чекор наназад за целата држава – не станува збор за чиста административна одлука. Станува збор за проект кој требаше конечно да го надмине фрагментираниот, архаичен и често нетранспарентен систем на управување со јавните финансии. Проект со јасна цел на ефикасност, отчетност и дигитална контрола врз секоја буџетска трансакција.

Ако Владата одлучи да го игнорира или сопре ИФМИС, тоа значи дека одбива внатрешна контрола, не сака автоматизација на системите, а уште помалку сака јавноста да знае како и каде се трошат парите. Последиците ќе ги почувствуваат сите, односно институциите ќе продолжат да работат со неповрзани и застарени системи, а граѓаните ќе останат без увид во јавните трошоци, без можност за вистинска контрола врз политиките што ги плаќаат со свои пари.

ИФМИС требаше да биде темел на новиот модел на фискална транспарентност, што значи поврзување на буџетот, трезорот, јавниот долг, управувањето со државна помош и сите буџетски корисници. Тоа значи дека секоја исплата, секоја субвенција, секоја обврска би се гледала во реално време. Сега, прашањето е дали некој се плаши од таа транспарентност?

Треба и да знаеме дека проектот не е македонска желба, туку европски стандард. Финансиран од Светска банка со заем и грантови во вкупна вредност од речиси 25 милиони евра. Да се сопре ваков проект е институционално самоповредување.

Во суштина, сопирањето на ИФМИС е избор против модерната држава, против дигитализацијата, против отчетноста, против вистинските вредности.

Нова: Реагиравте и за царинскиот систем, дали сметате дека актуелните царински политики доволно ги земаат предвид потребите на малите и средни претпријатија, земјоделството и другите значајни сектори?

Битиќи: Актуелните царински политики не ги земаат доволно предвид потребите на малите и средни претпријатија, ниту на сектори со висок потенцијал за продуктивност. Но уште поважно, политиката не се води во насока на поддршка на оние суровини и технологии кои можат да создадат додадена вредност за економијата.

Царинската политика мора да се насочи кон стимулирање на стратешки важни суровини и технологии, како што се литиумски батерии, компоненти за производство на водород како алтернативен енергенс, опрема за обновливи извори на енергија, дигитални и индустриски технологии. Тоа се области кои ја определуваат иднината на индустриското производство и можат да ја трансформираат економската структура на земјата.

Како поранешен вицепремиер, водев процес во кој беа намалени царинските давачки за 183 различни суровини, но тоа беше направено транспарентно, во соработка со сите индустрии. Денес гледаме селективен пристап, поединечни договори со коморите надвор од очите на јавноста и строго селектиран фокус само на одделни компании од три сектори: енергетиката, автомобилската и металопреработувачката индустрија. Измените на Царинскиот тарифник не се насочени ниту кон сите компании од овие сектори.  Но, економијата не се гради само на три индустрии – да бидам попрецизен: само на три доминантни компании. Ако го исклучиме остатокот од стопанството од процесот, го губиме темелот на развојот.

Малите и средни претпријатија, start-ap-ите, агро-преработувачите, технолошките компании – тие се клучните носители на иновациите и растот. Ако царинската политика не ги поддржува нивните суровини и инпути, тогаш не работиме за економијата на иднината, туку за интересите на сегашноста, на статус-квото. Царинската политика мора да се осовремени и да биде насочена кон отклучување на капацитетите на економијата за продуктивност, иновациите и извозот. Тоа е патот кон конкурентна економија. Сѐ друго е враќање назад.

Нова: СДСМ не го поддржа кредитниот договорот со Обединетото Кралство, реагиравте како опозиција или имате ли и стручни согледувања?

Битиќи: Можам да зборувам за мојата реакција, која секако беше дел и од реакцијата на СДСМ. Кога станува збор за, како што Владата го нарече,  договор со кој се овозможува пристап до 6 милијарди евра потпишан со странска влада, но без јавна расправа, без економска анализа и без суштинска вклученост на институциите, тогаш имаме обврска како опозиција и како одговорни луѓе со искуство, да реагираме.

Овој договор со Обединетото Кралство беше претставен како стратешки, а реално беше потпишан во молк, без транспарентност и без правна структура каква што бараат вакви сложени финансиски инструменти. UK Export Financeкако механизам е познат, но проблемот е што Владата немаше ни концепт ни план што со средствата, како ќе се враќаат, која е нивната фискална и развојна логика. Тоа го прави договорот ранлив – економски и институционално.

Имаме и сериозен проблем со начинот на презентација на договорот. Се создаде наратив дека се работи за голема дипломатска победа, но суштината е дека станува збор за класичен комерцијален финансиски механизам со ограничен маневарски простор, патем достапен за над 200 земји во светот. Ако навистина беше стратешки, зошто институциите што се задолжени за планирање на инвестиции не беа вклучени во процесот?

Јас верувам во финансии што служат за развој, не за ПР. И да, јас ќе ја поддржам секоја заемна помош доколку таа е транспарентна, правично распределена и има јасен развоен ефект. Но, ќе бидам гласен кога државата се задолжува на долг рок без да понуди визија, структуриран план и одговор пред граѓаните.

Нова: Бевте заговорник за таканаречените „фер трговски практики“, цените на основните егзистенцијални потреби еве пак дивеат, да сте сега во можност какви интервентни мерки би спровеле или што на темава и препорачувате на Владата?

Битиќи: Одговорот е едноставен, секако доколку постои политичка волја за системско делување. Тоа е спроведување на Законот за нефер трговски практики. Овој закон е дизајниран како механизам за спречување на неправедно профитирање, манипулативни договори и прекумерно влијание на големите трговски синџири. Ако Владата навистина сака да ги заштити граѓаните, тогаш не треба да измислува нови мерки, треба само да го примени она што веќе постои.

Да сум сега во позиција да носам одлуки, би почнал токму од таму, целосна активација на надзорните механизми, со засилен инспекциски надзор, транспарентност на трговските услови и конкретни санкции за злоупотреба на пазарна моќ. Дополнително, би вовел временски прецизна и целна поддршка за домашните производители, како и обврска за објавување на реалните трошоци за основните продукти, а со цел да се спречат скриени маржи.

Пазарната економија не значи пазарна анархија. Мојот став е јасен, фер трговски практики се клучни за стабилноста на цените и достоинството на потрошувачот.

Нова: За локалните, какви Ви се прогнозите, СДСМ е уште со пренизок рејтинг во однос на ВМРО-ДПМНЕ, понекаде, како во Куманово на пример, според тамошни локални анкети на други партии, партијата ви е дури на четврто место.

Битиќи: Не коментирам анкети кои не сум ги видел, особено ако се објавени од политички субјекти кои се обидуваат да создадат перцепција што не постои. Политиката не е трка по бројки, туку по доверба. А довербата се гради со работа.

Она што јас го гледам, а го гледаат и граѓаните, е реалноста во општините, каде имаме нереализирани проекти, запоставени јавни услуги, локални администрации кои четири години се влечкаат без резултат. Мнозинството општини се раководени од ВМРО-ДПМНЕ и тоа е најдобрата слика за тоа каков е нивниот капацитет за управување.

Што се однесува до обидите да се пласира наратив дека СДСМ „паднал на четврто место“, тоа е политички маневар од структури кои ја напуштија социјалдемократијата за да влезат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Сега од избледена и еродирана позиција во власта, со намалена доверба во јавноста се обидуваат да создадат впечаток на политичка важност, со кој би си ја зајакнале позицијата во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори.

Како СДСМ, не бегаме од реалноста. Знаеме дека следи тежок циклус. Но исто така знаеме и дека има многу граѓани кои не заборавиле што значи одговорно управување, ниту во централната, ниту во локалната власт.

Нова: Каков градоначалник СДСМ му нуди на Скопје, всушност каков градоначалник му треба на главниот град?

Битиќи: СДСМ сè уште ја води постапката за избор на кандидат за градоначалник на Скопје и тоа е процес кој ќе резултира со личност што ќе ја носи довербата и визијата на нашата политичка понуда. Но прашањето не е само „кој“, туку и „каков“.

На Скопје му треба градоначалник што не управува со улици, туку со идеи. Личност што разбира дека современ град не се мери само со километри асфалт, напротив, со урбана култура, зелен развој, дигитална поврзаност, вело-патеки, пристапност и отвореност. Градоначалник што ќе ја третира секоја уличка како заеднички простор, а не како политички плен.

Скопје мора да стане европски град во суштина, а не само во амбиција, со чист воздух, со велосипедска инфраструктура, со јавен превоз што навистина функционира, со урбанизам кој не е диктиран од инвеститорски апетити. Тоа значи градоначалник кој мисли за 10 години напред.

На Скопје му треба лидер/ка што ќе воспостави ред во хаосот, но и инспирација во секојдневието. Лидер/ка што ќе гради партнерство со граѓаните. Скопје заслужува авангарден градоначалник.

Нова: Како гледате на моменталната состојба во СДСМ – дали партијата има јасна визија, стабилно водство и капацитет за обнова?

Битиќи: СДСМ е партија која низ годините носела тешки одлуки и важни политички процеси и тоа не може да се заборави. И денес, како и секогаш, има работи што можат и мораат да се подобрат.  Партијата се соочува со клучен предизвик да ја обнови комуникацијата со граѓаните преку автентичен јазик, нова енергија и посилна поврзаност, што е возможно само со искрена вредносна трансформација

Да, отпочнати се некои процеси. Но клучното прашање не е дали ќе се смени некој лик или структура, туку дали конечно ќе се врати политичката идеја што ја носи социјалдемократијата во своето јадро.

Социјалдемократијата не е прашање на имиџ или маркетинг. Таа не е бренд, таа е визија. Визија каде што граѓанинот, без разлика на етничка, социјална или која било друга различност, стои во центарот на секоја јавна политика. Јас на партијата не гледам низ лупа на лична лојалност, туку низ призмата на вредности и идеи. Затоа, таму каде што тие вредности се живи и борбени, таму го гледам капацитетот за вистинска обнова.

СДСМ има луѓе кои сè уште веруваат во еднаквост, правда и солидарност. Но тие вредности не смеат да останат декор во партиски документи. Тие мора да станат активна политичка сила, видлива, гласна и одлучна.

Нова: Се има впечаток дека новото раководство на СДСМ, секако освен претседателот кој е и пратеник, не се во добра релација со пратеничката група во која има и поединци за кои дел од членството, а и дел од јавноста смета дека се меѓу главните виновници за ланскиот катастрофалниот изборен пораз и за се уште нискиот рејтинг на целата партија воопшто?

Битиќи: Jас ја вршам својата пратеничка функција со професионалност, сериозност и со целосен фокус на интересот на граѓаните. Тоа е моја обврска и мој став.

Односите во партијата, вклучително и оние меѓу раководството и пратеничката група, не треба да се сведуваат на симпатии или антипатии. Тоа е прашање на капацитет за соработка, политичка зрелост и одговорност пред јавноста. Без таа функционалност нема ни резултати.

Во однос на поразот на СДСМ, видовме обид за колективизација на одговорноста, каде што сите, наводно, беа еднакво виновни. Тоа не е точно, и уште помалку е здраво. Таков наратив одговара на политичка култура на бегство, не на една прогресивна и одговорна опција.

Јас верувам во лична одговорност. Без храброст да се застане и зад сопствените одлуки, но и зад сопствените грешки, нема вистинска промена. Без транспарентност и искрена самокритика нема враќање на довербата. А токму довербата денес е најдефицитарната, но и најпотребната вредност во политиката.

Затоа, мене не ме интересираат внатрепартиските пресметки. Ме интересираат граѓаните. Ме интересира иднината.

Партијата што сака да биде релевантна мора да покаже, но и да верува, во она што го тврди: еднаквост, правда и солидарност. Овие вредности не се само традиција, тие се можност за нов почеток. И јас верувам дека ако постои храброст за искрен пресврт, има шанса и за обнова. Не поради имиња, туку поради вредности. Не заради минатото, туку заради иднината.

Марија Тодоровска / НОВА

Print Friendly, PDF & Email
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Централен одбор на ДОМ. Фото: dom.org.mk

    ДОМ ја напушта коалицијата со СДСМ

    101 shares
    Share 40 Tweet 25
  • Славески: Мизерно е да ме прашувате за мојата плата од 3.000 евра, никој не ме прашува за гладувањето во САД додека студирав

    512 shares
    Share 205 Tweet 128
  • Кога премиерот те тужи, тоа не е лична пресметка, туку политички притисок!

    94 shares
    Share 38 Tweet 24
  • Во оклопот на вмро, Македонците се желки на трката во Спа Франкоршамп

    94 shares
    Share 38 Tweet 24
  • Американски бомбардери Б-2 полетаа од американска база и се движат кон запад над Тихиот Океан

    91 shares
    Share 36 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ