„За жал, морам да признаам дека ВМРО-ДПМНЕ успешно креираат вештачки проблеми. Проблеми кои не постоеле, ги создаваат за после политички да капитализираат на нив“ изјави потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во „Клик плус“ на ТВ21.
Тој изрази надеж оти граѓаините ќе станат искусни и ќе научат како да ги читаат ваквите лажни вести кои доаѓаат од опозицијата.
„Цело лето се подгреваше лагата дека јазикот ќе биде бугарски дијалект, така се иницираше луѓе да излезат на улиците. Сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги користат тие слики како аргумент за незадоволство на народот, иако луѓето тогаш беа излажани“ рече Богоев.
Потпретседателот на СДСМ рече дека иста беше приказната и со пописот кога Левица водеше јавна кампања за бојкот на пописот, а ВМРО-ДПМНЕ скриена кампања, а сега токму тие партии креираат проблем за тоа кој колку проценти бил.
Богоев вели дека и предвремени нема да има, а на редовните избори ќе победи СДСМ со европската коалиција
„Ве уверувам дека предвремени избори нема да има, а исто така ве уверувам дека на редовните избори, СДСМ и коалицијата повторно ќе победат. Тоа е така бидејќи граѓаните во овој период гледаат и прават разлика кој како владее“ изјави Богоев.
Тој додаде дека Владата предводена од СДСМ ќе продолжи со поддршка на ранливите категории, како и по патот на евроинтеграциите.
„Во исто време, граѓаните ќе може да видат и како ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски владее, како што владее во Град Скопје, каде што се скараа за тендер вреден 130 милиони евра и како што ја загубија поддршката и на карпошани и општина Карпош“ рече Богоев.
Потпретседателот на СДСМ изјави дека е проблематично и симптоматично што кавгата на Мицкоски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска не беше за концепт или проекти, туку за тендер времен 130 милиони евра.