Независниот пратеник Павле Богоевски денеска на својот фејсбук го обвини претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека го злоупотребил законодавниот дом и дека го заштитил организаторот на настаните од 27 април од притвор.
„Нашиот глас за Талат Џафери на 27-ми април резултираше со обид за наше убиство и терористички акт врз законодавниот дом. Тој немаше ниту гребнатинка. Вчера, тој го злоупотреби истото Собрание и го заштити организаторот од притвор, правејќи будали од сите нас. Денес низ медиумите прочитав информација дека парламентарните седници се одложени поради тоа што дел од пратениците се на службен пат. Тоа е уште една лага која најверојатно е излезена од неговиот кабинет“, напиша Богоевски.
И генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, на својот Фејсбук профил напиша дека Џафери и должи одговор на јавноста и граѓаните зошто ја прекинал седницата за одземање на имунитетот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељановски, и зошто дозволил да настане неред на синоќешната седница.
„Синоќа пратениците од мнозинството во Собранието беа подготвени да донесат одлука со која му се овозможува на судот да ги продолжи непречено своите процеси. Пратениците беа подготвени да овозможат правдата за 27 април да се тера до крај, но претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина седницата и не дозволи да има гласање за одземање на имунитетот на обвинетиот пратеник Трајко Вељаноски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, должи одговор на јавноста, на граѓаните, зошто ја прекина седницата за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски и зошто дозволи да настане неред на синоќешната седница.
Кворум постоеше. Мнозинството беше тука подготвено за гласање. Граѓаните прашуваат, а Талат Џафери е должен да им објасни и на јавноста и на колегите пратеници – Зошто беше прекината седницата на која требаше да биде одземен имунитетот на обвинетиот за организација на 27 април, Трајко Велјаноски?
Бараме принципиелност, Собранието е должно да постапува и да му овозможи на судот непречено да работи.
За Трајко Велјаноски мора да важат истите процедури и правила како и за секој друг пратеник.
Собранието мора да постапува како што секогаш постапувало за сите други пратеници кои биле обвинети и за кои се барало одлука за нивна одговорност.
Поради ова, во Собранието денес нема услови да продолжат останатите активности.
27 април е крвав настан, а неговите организатори мора да одговараат.
СДСМ е одговорна партија со одговорна пратеничка група – правдата и интересот на јавноста за нас е на прво место.
Јавноста бара одговори: дали се калкулирало синоќа или не, а претседателот Талат Џафери треба да одговори“, напиша Кирацовски.
На вчерашната седница, кога требаше да се гласа за одземање на имунитетот на Вељановски, Џафери ја одложи седницата без образложение и најави дека дополнително ќе биде закажана.
A. П.