ВОЈО МАНЕВСКИ
Кога настануваат желбите? Зошто постојат ако знаеме дека нема да се исполнат и нивното остварување зависи од некоја виша сила? Вакви дилеми ми се вртат низ главата додека во ноќта пред Богојавление гледам во месечината, која е во полна форма и стои како закачена над мојот град. Се обидувам да допрам до неа, да ми ја објасни нејзината улога во тој процес на пренесување на желбите до севишните простори. Кои желби и се прифатливи, а кои ги става во фиока? Се мислам, дали е благоугодно да замислам желба само за себе или за пошироката моја околина, за мојот народ или за сите луѓе на светот? Месечината си молчи и не ми дава некаков сигнал што ќе ми помогне. За целиот свет желби изгледа има најмалку, иако носители на предлози за нив има најмногу. За мојот народ, некој да му посака добра среќа како поединечна желба, некако и овде се сомневам.
– Те до мене ли дојде, се оправдувам себеси.
Остануваат желбите кои се само за мене и за моите најблиски, а и овде себичноста влече на една страна. Упорно гледам кон месечината и очекувам некаква сенка да помине низ нејзиното светло лице, а да си ја протолкувам како сигнал. Сомнеж ме разјадува и месечината да не станала дел од некој партиски комитет, па сега чека свое мислење од повисоко ниво или е лута како поранешен министер. Ме гризе сомнежот братче, а студениот воздух се заканува да ја прекине и таа комуникација. Дилемата на богојавленската ноќ за моите желби кон створителот се обидувам да ги задржам актуелни до утрото, потпирајќи се врз домашно вино Смедеревка. Во него е велат вистината, иако неговата белина не ми дава надеж за делотворност. За вистински желби изгледа е потребно црвено вино.
Гледаш ли смртниче колку е тешко да делиш, па дури и кога ги делиш желбите што имаат мала веројатност да се остварат. Да, да делиш реков, не да разделуваш. Кога се крши погачата се делат нејзините делови, ама кога ѓаволот ја крши погачата тој разделува делчиња од неа. Ми се мота во главата додека се обидувам да најдам оправдување за одлуките на политичарите околу одбележувањето на празникот Богојавление во моето Ново Село. Станиците на кои се искачуваат желбите кон небото полека се топат и заспивам со сознанието дека делењето не е поделба. Денот кога во осветените води од претходниот ден на Водокрст, се чествува појавувањето на светиот дух и крстењето на Исус се нарекува Богојавление, иако народот си го вика Водици или во нашиов источен крај – Војордание. Се фрла крстот во водата, а верниците скокаат да го фатат, верувајќи дека тоа ќе им донесе здравје и среќа. Штип има две места каде се фрла крстот во Брегалница. Од мостот во Ново Село и од камениот мост, кој е задужбина на некој царски син од пред три и пол века.
Дали треба на две места да се одбележува празникот? Подобро е на две отколку на ниту едно место, како што тоа со децении се правеше, кога базенот во црквата мораше да ја игра улогата на водите на реката Јордан. Ова го утврдувам веќе расонет од Богојавленската ноќ, слушајќи ги камбаните кои го означуваа крајот на утринската литургија, а низ тесната улица која памети векови и разни луѓе, се растегнува литијата. Исто ли оделе низ оваа улица ликовите за кои денес се расправаме, кому му припаѓаат. Нивното дело можеби и може да подлегне на делење, но нивните човечки ликови засекогаш ќе останат во просторите над Ново Село. Овде го вдахнале првиот здив и овде за прв пат го виделе небото, ете тоа е доволно за осветување со светиот дух, се останато е одржување на површината што благонадежно го нарекуваме живот.
Додека свештениците Мирасчиев и Јанев го завршуваат тропарот за празникот, погледот ми поминува низ толпата што се собрала. Ретко некој носи маска, а добро пребројување ќе ја покаже вистинска бројка на посетители на овој празник, на кој короната им помогна да отидат таму каде ги упатуваме желбите на Богојавленската ноќ. Некој лица едноставно недостасуваат како што недостасува делот од мозаикот кој времето го оштетил. Сани Бој сега коментира некои други натпревари во севишните лиги. Делете, не поделувајте, веројатно порачува, а пред неколку тезги турканица пред делачите на топла ракија и чај. Музиката свири свадбарска песна која никако не прилега на темата на празникот, но и таа разлика лесно ја порамнува топлата ракија. Гледам во лицата на познатите и непознати посетители на брегот на Брегалница и повторно ми виси дилемата. Што е тоа што ги осветлува лицата на овие луѓе кога си честитаат со зборовите – за многу години празникот. Во искреноста на желбата или стравот од божјата милост која често не ја препознаваме. Полека толпата се намалува, зошто треба да се стигне и на другото место каде е можно да се симне светиот дух. За секој случај добро е да се биде на двете места. Мојот народ можеби не знае да живее, но вештината на преживување ја има во малиот прст. Најупорните не се одделуваат од друштвото со кое ја допиваат последната чашка топла ракија и разумно бараат причина да се продолжи дружењето. Кому денес му е името е разумна дилема. Не знам како е кај другите народи, па и градови, кај нас е важно да имаш во името две букви од празникот и спремен си да примаш честитки – нека ти е честито името.
А празникот има комплицирано долго име па потенцијалните славеници и не се ретки. Соседот со име Јордан и да сака не може да избега. Короната е опасност, но нејзината силина спласнува пропорционално со количината испиена топла ракија и должината на разговорот околу актуелностите во политиката или вестите од членовите на семејството кои заминале да ја бараат среќата покрај други води и водотеци. Не знам како се чувствува Брегалница после осветувањето, но стоејќи на мостот мислам дека тој е вистинскиот сведок на времињата изминати.
Славеникот нѐ води во домот, затоплен од шпорет Смедеревец што ги преживеал еколошките напади врз него, како загадувач на воздухот, а топлината нѐ облива пред да седнеме на масата. Со прстите поминувам по работ на покривката на масата вообличена во хеклано миле. Како да ги чувствувам прстите на плетачката кога се мачела да го погоди вистинскиот број на заплетките и наметките. Нема пластична мушама што денес е вообичаен декор на масите, што ги паметат сите случки во семејството. Мазна е таа и лесно се одржува, но нема душа, дури и кога е насликана со весели слики и бои. На сред домаќинската маса стои чинија со кифлички кои изгледа беа темпирани да се вадат од фурната во моментот кога ќе зачкрипи капијата во дворот. Две тепсии бр. 32 се полни со пивтија. Меѓу нив штотуку од некого донесена пластична кутија со пивтија од МИК. Гледам во нив, а разликата ми е како времињата кои одминаа и ова во кое живееме.
Месото во домашната пивтија е природно сврзано со желатинот и се во рамноправен однос со блага предност на желатинот. Во купената пивтија тенко исеченото месо е само поврзано со желатинот. Или имаме доволно месо за правење пивтија или и овде слабо стоиме со сврзните ткива, ама моите симпатии се на страната на домашната пивтија со силен мирис на лук. Повторно топла ракија колку да се продолжи расположението и да се одржи внатрешната температура. Кифличките сами си ги земаме колку да не ни се делат, зошто сите веќе се плашиме кога делењето поминува во поделби. Пригодни песни за празникот не знаеме, ама некоја револуционерна ни изгледа пристојно за просторите каде се наоѓаме. За Тодор ја пееме неколку пати колку да дадеме до знаење дека во Ново Село не е срамота да не си дел од ВМРО, туку е греота да не си дел од него. Толку за историјата и политиката, а и време е за завршување на прославата.
Одам покрај Брегалница и не се осмелувам да ја претркам, денес таа има предност. Се обидувам да ја прашам дали може по нејзините свети води да ги испратам моите желби за доброто на овој народ. За добро на моите соседи, на моите најдрамили и што преостане за мене самиот. Молчиме заедно и пред разделбата со Брегалница луто и се обраќам – ако не ме послушаш ти не си река туку обичен водотек и барем ти немаш причина да си незадоволна. После десетици осветувања од изворот до овде, нашето осветување ти е како бустер доза на вакцина. Е тоа осветување изгледа на нас влијае, од таква количина на светост изгледа сме озрачени. Ти одовде мирно и осветена ќе си продолжиш до Вардар, а ние не знаеме како да се справиме со толкава осветеност и затоа сме вечно по потрага на новите начини да опстанеме.
На Богојавленска ноќ се посакуваат желби. Се посакуваат, ама тешко се испраќаат, за остварувањето не разговараме.