Два дена по поразот на претседателските избори во Бразил, Жаир Болсонаро, актуелниот претседател, вчера се согласи на транзиција на власта, притоа не признавајќи дека го изгубил гласањето или дека изборите биле слободни и фер, пренесува Њу Јорк Тајмс.
„Претседателот Болсонаро ме овласти – кога ќе биде побарано, врз основа на законот – да го започнам процесот на транзиција“, изјави неговиот шеф на кабинет, Чиро Ногуеира.
Двоминутниот говор на Болсонаро – во кој тој им се заблагодари на своите поддржувачи, ги нагласи своите достигнувања, ја критикуваше левицата и рече дека секогаш го следел Уставот – ги намали стравувањата дека ќе ги оспори резултатите откако со месеци предупредуваше дека единствениот начин на кој ќе загуби ќе ако гласот бил украден.
Сега останува прашањето како тие коментари ќе бидат примени од илјадниците поддржувачи кои блокираа стотици автопати низ Бразил во обид да ги поништат изборите. Болсонаро ги охрабри демонстрантите да бидат мирни и ги повика своите приврзаници да престанат со прекините и да избегнуваат „инвазија на имот, уништување стоки и ограничувања на правото да доаѓаат и си одат“.
Со ова, поранешниот претседател Луис Инасио Лула да Силва, универзално познат како Лула, се враќа да го води Бразил 12 години откако ја напушти функцијата. Тој треба да биде инаугуриран на 1 јануари.
Подготви: Д. Мишев