Повеќе пожари се и денес активни на повеќе локации во земјава, иако добар дел од нив се ставени под контрола, но дел од нив, поради временските услови, се разгоруваат повторно, а има и нови жаришта. Пожари има во Малешевијата, во Штипско, во струмичкиот регион, кај Валандово и Гевгелија, во Кумановско, Пелагонија, Тетовско, близу Охрид и на други локации.
Кај Пехчево, кај месноста Бајаз Тепе, пожарот сѐ уште е активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик. Опожарена е високостеблеста дабова и борова шума, нискостеблести растенија, смрека, стрништа и пасишта. Интервенираат хеликоптери, припадници на Армијата, ренџери, дел од екипата од Бугарија, ШС Равна Река – Пехчево, ШС Малешево-Берово, ТППЕ Берово, ТППЕ Скопје, Штип и Струмица, ДЗС, РЦУК Берово, ЕВН и месното население. Се очекува и поддршка од специјалната ПП единица од Словенија која пристигнува денес.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до пладнево се активни пожари кај с. Нов Истевник. Опожарени се околу 750 хектари борова шума и нискостеблести растенија. На терен интервенираат Армијата, ШС Голак – Делчево, ТППЕ Делчево, гранична полиција, ПС Делчево, ЈПКД Брегалница, РЦУК Делчево, ТППЕ Македонска Каменица, ЈП Камена Река – Македонска Каменица, како и дел од екипата од Бугарија. Во гаснењето на пожарот се ангажирани и четири хеликоптери, а на екипите им даваат помош и волонтери од Црвен Крст Делчево.
Пожарот на потегот Костин Дол – Ново Село, во општините Кочани и Македонска Каменица, од ноќеска, повторно е активен. Интервенираат ТППЕ Кочани, ШС Осогово – Кочани, од Водостопанство – Кочани и МЗШВ.
Во струмички регион кај Погана, нема активно горење. Досега се опожарени околу 1.200 ха ниско стеблеста шума – даб, габер, прнар, јасен. На терен интервенираат ТППЕ Валандово, ШС Саланџак – Валандово, ПО ДЗС Валандово, Армијата, ЕВН Битола и Здружение од Битола.
Во Гевгелија, пожарот е под контрола. Опожарени се околу 200 ха мешана шума и сува трева.
Во Пелагонија, во Општина Прилеп, гори пожар кај селата Ракле, Никодин, Топлица, кој е активен на еден крак кон рудникот Козјак и еден крак кон селата Крстец и Никодин. Опожарени се околу 2.000 ха нискостеблеста дабова шума и лисната постилка. Под контрола е кракот кон с. Топлица и кракот кон црквата и викенд куќите во с. Ракле. На кракот од магистралниот пат Прилеп – Градско, гори чалија, сува трева, грмушки и деградирана дабова шума. Интервенираат Армијата и ТППЕ Прилеп.
Од ноќните часови, активен е пожарот кај Дрен – Смолани во Прилеп. Таму гори сува трева, смрека, чолија и лисната постелка на површина од 0.5 ха. Во истиот дел има и приземен пожар на Мањов Дол, каде гори нискостеблеста дабова шума. Во овој дел интервенираат Армијата, пожарникари на ТППЕ Прилеп, месното население и работници на ШС Црн Бор Прилеп.
Во охридскиот регион, пожарот кај с. Девич во општина Македонски Брод, вчера е ставен под контрола. Поради контрола на просторот, на терен се ТППЕ Македонски Брод и вработени од ШС Македонски Брод.
Во тетовскиот регион, од утрово, ТППЕ Тетово интервенира поради запалена сува трева кај сточниот пазар во с. Голема Речица.
Во кумановски регион, ТППЕ Куманово интервенира поради запалена сува трева кај с. Јачинце. За увид, ТППЕ Старо Нагоричане утрово се упати кон с. Жељудино.
Пожарот во с. Коњух, кратовско, е изгаснат, а на терен поради контрола се ЈП Македонски Шуми.