Бунтовничките сили во Сирија тврдат дека го собориле Башар ал Асад, кој владее со земјата речиси 25 години, пренесува Би-Би-Си.
Извештаите сугерираат дека Асад побегнал од градот со авион на непозната локација.
Претходно, бунтовниците се појавија на државната телевизија и радио за да прогласат победа, велејќи дека ставиле крај на владеењето на Асад и ослободиле политички затвореници.
Некои Сиријци слават во Дамаск и во други поголеми градови по веста дека бунтовниците го зазеле главниот град.
Режимските сили во Деир ал-Зур им се предадоа на бунтовниците, според Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), бунтовничката група во центарот на новата офанзива против владата.
Толпи се собираат на сириско-либанската граница додека луѓето чекаат да се вратат дома. Многумина избегаа во Либан по почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година.
Сирискиот премиер сака слободни избори
Сирискиот премиер вели дека е подготвен да „соработува“ со кое било раководство избрано од граѓаните на земјата за да обезбеди понепречен трансфер на власта.
Премиерот Мохамед Гази ал Џалали изјави дека земјата треба да одржи слободни избори во интервју за Ал Арабија, цитирано од новинската агенција Ројтерс.
Тој, исто така, спомна дека бил во контакт со бунтовничкиот командант Абу Мохамед ал-Џавлани во врска со преодниот период.
Утринава Ал Арабија го цитираше премиерот дека неговиот последен контакт со Башар ал Асад бил „вчера вечер“ и дека нема информации за моменталната локација на Асад.
Многумина се среќни што гледаат дека Асад заминува, но што ќе се случи следно?
Со помош на Русија и Иран, Башар ал Асад ја подели опозицијата – и преживеа на власт долги години.
Ова не се случи овој пат. Неговите сојузници, преокупирани со сопствените работи, во суштина го напуштија. Без нивна помош, неговите трупи не беа во можност – и, на некои места, очигледно не сакаа – да ги запрат бунтовниците.
Прво, тие го зазедоа Алепо, вториот по големина град во земјата, минатата недела. Потоа Хама, и неколку дена подоцна, клучниот центар на Хомс. За неколку часа влегле во Дамаск.
Многу луѓе се среќни што го гледаат како заминува. Но, што ќе се случува понатаму? Ова е бунт предводен од исламистички бунтовници од групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС). Тие имаат корени во Ал Каеда и насилно минато. Тие ги поминаа последните години обидувајќи се да се ребрендираат како националистичка сила, а нивните неодамнешни пораки имаат дипломатски и помирувачки тон.
Но, многумина не се убедени и се плашат што би можеле да направат.
Асад ќе остане запаметен како човекот кој ги репресираше мирните протести
Падот на Башар ал Асад беше речиси незамислив пред само една недела, кога бунтовниците ја започнаа својата неверојатна кампања од нивната база во Идлиб, на северозападниот дел на Сирија.
Башар ал Асад дојде на власт во 2000 година по смртта на неговиот татко Хафез, кој владееше со земјата 29 години – и многу слично како неговиот син, со железна тупаница. Тој наследи строго контролирана и репресивна политичка структура. На почетокот имаше надежи дека тој може да биде поинаков – поотворен, помалку брутален. Но, тие беа краткотрајни.
Асад засекогаш ќе остане запаметен како човекот кој брутално ги потисна мирните протести против неговиот режим во 2011 година, што доведе до граѓанска војна. Повеќе од половина милион луѓе беа убиени; шест милиони други станаа бегалци, пишува Би-Би-Си.
Подготви: Ј. Ѓ.