Владата за прислушувањето на телефоните во Основното јавно обвинителство дознала денеска откако тоа го откри претседателот на републичкото обвинителство, Љубомир Јовески.
Потпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на прес конференција остро го осуди снимањето на телефонските разговори на обвинителите, за што Јовески претходно дента изјави дека се спроведувало од 2016 до денеска.
Бошњаковски изјави дека Министерството за внатрешни работи е целосно вклучено во предистражната постапка за снимените разговори од фиксните телефони на обвинителите во Основното јавно обвинителство.
„Владата остро го осудува случајот со снимените телефонски разговори во Основното јавно обвинителство. Сметаме дека ваквите појави се рецидив од минатото и пракса на минатите владејачки недемократски структури. Владата очекува дека институциите ќе посветат максимални капацитети во истрагата, дека ќе се расчисти настанот и дека јавноста ќе биде веднаш и целосно информирана“, рече тој.
Бошњаковски рече дека одговорноста мора да биде идентификувана, утврдена и целиот случај да има ефикасна судска разрешница.
„Владата исто така ги става на располагање на ОЈО сите капацитети со кои располага доколку е истите се побарани и потребни“, истакна тој.
К. С.