Како новинар со дваесет и четири години искуство, можам да сведочам дека имаме тука прогрес, бидејќи порано медиумите беа етнички поделени, вели новинарот Александар Божиновски во разговор со ЦИВИЛ Медиа.
Во некои весници нема да најдете Албанци, во други нема да најдете Македонци. Како општество имаме напреднато доста во сето тоа, дури и се навикнавме да работиме заедно. Мислам дека тоа е значајно затоа што различните култури и различната вера, дава поинаква перспектива на нештата, и таа ги отвора очите. Не случајно меѓу новинарите во светот има многу хуманисти, бидејќи основна желба на секој новинар е да им ги отвора очите на луѓето, се соединува со мултикултурализмот, бидејќи ако една иста работа ја гледаат повеќе луѓе, а во основа, разликите кои се етнички, културни и верски, значат различни начини на размислување, и дава нова перспектива. Сакам да кажам се добива тродимензионална слика на одредено прашање. И затоа е ова значајно за новинарството и за граѓанското општество. Со еден збор, овозможува подобро да гледаме, повеќе да гледаме.
Во секој случај, едно напредно општество мора да биде отворено. Тоа едноставно би го објаснил – кога еден човек е затворен и седи дома, и сака да верува исклучиво во тоа што го сфатил како дете или како млад човек, тој нема никогаш да напредува, и ќе почне да скапува и да пропаѓа. Така е со една држава, и така е со еден народ. Историјата не учи дека сите држави коишто биле моќни, сите народи што имале развиена цивилизација, во принцип биле отворени и имале многу голема комуникација со останатиот свет, и политичка и културна и економска и секаква.
Д. Тахири
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Оваа содржина е дел од иницијативите и проектите на ЦИВИЛ за промоција на мултикултурализмот и европските вредности, со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург. Ставовите и мислењата изнесени во овие содржини се на самите Автор(к)и и не нужно ги отсликуваат официјалните ставови на донаторите.