Бакингемската палата денеска излезе со соопштение за здравствената состојба на кралицата Елизабета Втора. Нејзините лекари загрижени за нејзиното здравје ја ставиле под строг медицински надзор, јавуваат светските медиуми.
„По дополнителна проценка утринава, лекарите на кралицата се загрижени за здравјето на нејзиното височество и препорачаа таа да остане под медицински надзор“, се вели во соопштението од Бакингемската палата.
Во текот на вчерашниот ден кралицата Елизабета втора имаше проштална средба со довчерашниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, а подоцна ја прими на посета новата премиерка Лиз Трас, за да ја задолжи за формирање на новата влада.
По напорниот работен ден, според лекарите, на кралицата и се влошила здравствената состојба и ставена е под лекарски надзор.
Во Бакингамската палата е откажана традиционалната смена на стражата, поставене е табла со натпис со кој се информира дека вообичаената промена на стражата денеска нема да се одржи.
Во меѓувреме BBC ја прекина редовната програма, а презентерот Хју Едвардс си ја смени облеката во темен костум, бела кошула и црна вратоврска.
Според светските медиуми, синовите и ќерката на Кралицата Елизабета втора, Принцот Чарлс и неговата сопруга Камила, Војвотката од Корнвол, принцот Ендру, принцезата Ана и принцот Едвард се веќе покрај Кралицата во Балморал, а нејзините внуци, принцовите Вилијам и Хари се на пат кон неа.
Пред Бакингемската палата се собира се поголем број британски граѓани загрижени за здравјето на Кралицата Елизабета втора.
Кралицата Елизабета втора е на возраст од 96 години, е на престолот речиси 71 година, и една од најдолго владеачките монарси во историјата, и исто така единствена која е водачка на повеќе од една држава истовремено. Покрај Обединетото Кралство, Елизабета II е и Кралица и на Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јамајка, Барбадос, Бахамите, Гренада, Папуа Нова Гвинеја, Соломонски Острови, Тувалу, Света Луција, Свети Винсент и Гренадините, Антигва и Барбуда, Белиз и Сент Китс и Невис. Во секоја од овие држави, таа е претставена од Генерален гувернер во 16 земји во кои таа е кралица се познати како кралства на Комонвелтот.
подготви: Д. Тахири