Кога се работи за пристапувањето во ЕУ тоа е разговор кој треба да го водат Северна Македонија и Унијата, а Вашингтон отсекогаш го поддржувал пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, порача во интервју за МИА, американската амбасадорка Кејт Мари Брнз и изрази надеж дека францускиот предлог ќе биде компромис што ќе ги отвори следните чекори.
Амбасадорката на САД во Северна Македонија деновиве е во Вашингтон. Дописникот на МИА имаше можност да разговара со неа за тековните прашања, дискусии и нејаснотии што се појавија кај македонската јавност околу европскиот предлог за старт на претпристапниот процес за членство на Северна Македонија во ЕУ. Разговорот го водевме во американскиот Стејт департмент, а на прашањето дали САД се запознаени со содржината на протоколот и дали е тој нешто за кое македонските граѓани треба да бидат загрижени, Брнз одговори дека тие на процесот гледаат одвоенo и секогаш истакнувале дека билатералните прашања треба да бидат решавани надвор од преговарачката рамка.
-Нашата позиција е многу јасна, нашата оценка е дека предлогот го штити интересот на Северна Македонија во пристапниот процес. Тоа е наше и мислење на нашите експерти. Билатералниот протокол за кој говорите, до некаде изгледа дека е споен во овие два процеса. Билатерален договор меѓу Скопје и Софија треба да има. Слушнавме како некои нешта се нафрлаат. Мислам дека ова е дел од забуната, тоа што напоменавте дека јавноста не е сигурна какви ќе бидат тие дискусии. Ќе има посебни дискусии, и мислиме дека тие прашања треба да бидат решени на билатерална основа и тоа го кажавме уште на почетокот. Секако не само за влезот во ЕУ, туку и за вашата долгорачна стабилност важно е тие прашања да се решат, истакна Брнз.
Во интервјуто таа се осврнува на протестите во Скопје, на загриженоста дека со предлогот се задира во идентитетот и историјата, на предлогот на Едвард Џозеф, кој сугерираше дека ако европскиот предлог го признава македонскот јазик и идентитет, САД треба да ги поткрепат своите добри намери со правење на истото – да го признаат македонскиот јазик и идентитет.
-Северна Македонија и Бугарија се соседи, сојузници во НАТО, тие инвестираат во заемната иднина и безбедност, така што тие прашања треба да бидат адресирани во накоја форма, и тоа треба да се решава и тоа се прави, надвор од преговарачкиот процес. Да се навратиме на нашата прва поента, тоа една од причините зошто мислиме дека францускиот предлог ги штити интересите на Северна Македонија, затоа што прави издвоеност.
Се соочуваме со специфична одлука што Северна Македонија сега треба да ја донесе, а во однос на влезот во ЕУ и дали предлогот ставен на маса е добар за одење напред. Понатаму, дали тој предлог го почитува македонскиот идентитет и јазик. Според наше мислење да го почитува. Имаше неколку изјави не само од високи ЕУ лидери, туку и од лидери на земји членки кои исто така ја признаваат вредноста на овој предлог, тоа што го признава македонскиот јазик и идентитет. А тоа е важно за граѓаните на Северна Македонија, да размислат додека ја носат оваа одлука, и тоа е одлука што тие ја носат.
Во врска со прашањето за ангажманот на САД со Северна Македонија. Ова исто така е важна тема, но не може да биде замена за односите меѓу вашата земја и ЕУ. Кога станува збор за тоа, САД и Северна Македонија имаат многу силна билатерална врска, сме презадоволни што имено минатиот месец ја засиливме таа врска со стратешкиот дијалог овде во Вашингтон. Се разгледаа многу прашања, вклучително и прашања од културата. Начини за соработка во нови области со што се прошируваат односите. Ние одамна го признаваме македонскиот јазик и идентитет. Подготвуваме дипломати кои го учат македонскиот јазик, со македонски учители. Доделуваме грантови за поддршка на проекти од културата, како заштита на наследството во Северна Македониј, вклучително и заштита на македонското наследство и други прашања. Всушност, меѓу Северна Македонија и САД има договор за културата потпишан во 2010 година. Едно од прашањата поставени во стратешкиот дијалог е како да се употреби овој договор за да се дооформат некои тековни и да се започнат нови проекти, изјави меѓу другото Брнз за МИА.