Црвена кампања, во иста боја, борба, едните – за нова ера, другите – за нов живот, вчерашни сојузници – денешни противници, соочување преку билборди, а не на ТВ дебати, освојување на територија, а не привлекување на гласачкото тело… Втор ден изборна кампања со добра вест дека премиерот, во улога на лидер на СДСМ, не користел службено возило за приватни, односно партски цели. Потврдено и од портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, по обвинувањата на опозициските медиуми.
Имено, да почнеме од позитивната страна, па ако е сè црвено, не значи дека мора да биде и сè црно. Премиерот Зоран Заев како „ховер“, никако да седне на премиерската фотелја. Од патиштата во туѓина каде што се среќава со државниците од белиот свет и со дијаспората, стаса и до Гевгелија и одржа митинг. Како што тоа добро забележува и Сашо Орданоски во својата колумна, ова се чини како почеток на нова ера. Сепак, како и да ја вртите работата, барем возилото не чини 600.000 евра…
Но, да гледаме кон иднината. Ако постапката на Заев е некој врв на демократијата што досега го освоивме, кога реално, по дефиниција, сите политичари ќе се однесуваат во истиот манир?
Дебати нема да гледаме, очигледно. „Само вистина“ само со Шилегов, а без Коце… За разлика од Џабир Дерала од ЦИВИЛ кој беше поканет на дебата со Стевчо Јакимовски, па му беше откажано гостопримството, за Стевче – јачи смо од судбине – Јакимовски, овој пат, Коце Кабана самиот не сакал да дојде на дуел со својот политички ривал. Нејсе, можеби на граѓаните и не им требаат две вистини. И така се исти, прашање е само за која ќе се одлучат.
А колку се решителни граѓаните, пример е вчерашната анкета на ЦИВИЛ Медиа: „Немам време за тоа“, „Не ни гласам, не ме интересира“, „Не ни гледам што прават политичарите“… или „Сè е лага, борба за власт и за фотеља…“
Довчерашните сојузници како да се оддалечуваат… Општина Центар на чело со Жерновски, досега беше болна точка… Ама, Саша Богдановиќ, директорот на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ и кандидат за градоначалник на СДСМ, вели дека не е должен да ги исполнува ветувањата на екс-либералниот демократ и негов актуелен сопартиец… Галантен и во духот на демократските вредности, Богдановиќ, мандатот на претходникот го оцени како успешен, но, нели, тој ќе се залага, согласно законите, да ги надмине сите досегашни пропусти. А, што се однесува до обвинувањата, категорично, дипломатски, ги смести во легитимноста на законите.
Изборната кампања во оваа општина, ќе биде проследена и со сива дамка од минатото. Судот му одреди притвор на градоначалникот на Пустец, легендарното гратче во Албанија од каде што Груевски регрутираше гласачи за Општина Центар. Едмонд Темелко… Тоа што сега го притворија, за едни е правда, и како што е ред, а за други, опозицијата – изборна корупција и потврда колку е криминална сегашната власт.
Да не ја заборавиме опозицијата. Коце Трајановски ветува нова ера (влегува тука и живот за сите?), Велес конечно економски ќе просперира, а во Кочани, ако одиме по логиката на говорот на Груевски, граѓаните можат да се простат со своите бугарски пасоши и работата во Италија, со сиромаштијата и со ред други „национални“ прашања, оти ќе настапи новата ера. Но, локалните избори ќе бидат локални, не берете гајле…
И големо извинување за останатите, за нив повеќе во идните извештаи, засега, како тргнале работите, гледаме двобој во исти, црвени дресови.
Биљана Јордановска