Ги поздравувам сите чекори на вашата земја за приближување кон ЕУ. Словачка, која помина низ тој процес, ќе продолжи со континуираната, несмалена поддршка. Потребни се големи напори и политичка храброст. Подобрувањето во јавните институции и услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува, порача претседателката на Словачката Република Зузана Чапутова на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски.
Според Чапутова во овој момент најголемиот проблеме енергетската криза и поради тоа треба да се наоѓаат најдобрите и најефикасни решенија за негово надминување. Претседателката дополни дека Словачка нема да остпаи од амбициите за „зелена транзиција“.
Чапутова и Пендаровски разговарале и за интензивирање на економската соработка, како и за унапредување на билатералните односи на двете земји во повеќе области, меѓу кои и науката и културата.
-Пред неколку месеци, за среќа, преговорите беа започнаа, очекувам многу скоро да бидеме заедно и во ЕУ. Словачка постојано ги поддржува вашите напори за пристапување и подготвени сме да ги споделиме сите наши искуства во тој дел. Ние го минавме тој пат, но подобрувањето во јавните институции, услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува. Многу работи не врзуваат, имаме одлични билатерални односи и заедничка историја, истакна Чапутова.
Таа посебно ја поздрави позицијата на Северна Македонија во однос на руско-украинскиот конфликт.
Денеска, на агендата на претседателката Чапутова е и заедничко положување венци со претседателот Пендаровски на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.
За напладне е предвиден организиран пречек на платото пред Владата, каде вискоката гостинка ќе ја пречека премиерот Димитар Ковачевски, по што е предвидена билатерална средба на премиерот со словачката претседателка.
М.Д.