Не мораше да дојде овој предреферендумски период за да се разбере дека во Република Македонија егзистираат – две Македонии! И не се поделени ниту по етничка, верска или било каква идентитетска линија. А, се чини, дека се непомирливи.
За да може еден општествен или ако сакате социјален живот воопшто да биде одржлив, па макар тој облик на заедничко живеење да се вика држава, не се битни зборовите, па ни категориите што тие ги означуваат, од типот „патриотизам“, „национализам“, „идентитет“, „морал“, „името не го даваме“ итн. Најважниот збор, дури ни во оваа референдумска кампања, никогаш не е спомнат, а тоа е – солидарност! Без солидарност нема ниту општествен живот, ниту идентитет, а најмалку држава! Може државата секоја година да го менува името, па ако сакате и Уставот, ама без солидарност никогаш нема да функционира онака како што нормалните држави вообичаено функционираат.
Еве, и да го прифатам најчестиот мотив кај таканаречените бојкотирачи (како што не го прифаќам), а тоа е дека со промена на името ќе ни се одземе идентитетот и македонскиот народ, едноставно ќе биде збришан од светската геополитичка карта. Како тогаш да се објасни фактот дека и народите кои никогаш во историјата немале или имале многу малку во своите раце државни ингеренции имаат свој идентитет (Палестинците, Ромите, Курдите, па ако сакате и Евреите до средината на минатиот век) или народите кои живеат во заедничка држава на принцип на кралство или федерација (во Белгија, Луксембург, Шпанија, Велика Британија, Швајцарија итн.) Немаат ли Велшаните, на пример, свој идентитет и не се идентификуваат ли како Британци или граѓани на Обединетото Кралство? Или Валонците? Или Лужичките Срби? Се разбира, функционираат врз база на општествената солидарност!
Онака како што пропагандистите на Доналд Трамп ја измислија таканаречената пост-вистина, односно алтернативната реалност, така македонските политички елити ја измисија пост-солидарноста или алтернативната солидарност. Солидарни сме со оние што се исти со нас, не само по националност или вера, туку и физички и ментално. А не сме со сите други. Така само можам да ги сфатам сите овие закани што се шират најчесто по социјалните мрежи само затоа што некој размислува поинаку од оној што се заканува.
Во суштина проблемот е во тоа што како општество (односно како држава) не го решаваме големиот проблем, туку го ситниме на помали. Значи, треба да се разбере дека земјоделецот што не добил субвенции, жителите против чија волја се отвора рудник во нивниот крај и еден припадник на ЛГБТ заедницата се во иста ситуација – тие се дискриминарани! Но, наместо да се појави општествената и кохезивна солидарност меѓу овие групи и на тој начин општеството да ја надмине дискриминацијата, се прави токму обратното – државата, преку своите органи, токму се труди да ги разедини и на тој начин да создаде привид на правичност.
Сето ова, всушност, ме потсетува на францускиот социолог, практично и основач на оваа, во тоа време нус-оштествена наука, Емил Диркем. Диркем живее во едно навистина транзициско време, во времето на Третата француска република и аферата „Драјфус“. Тоа е период кога Франција вистински се модернизира, ја одвојува Црквата од државата, го реформира образованието и конечно заборава на сите царства и монархии. Овие промени очекувано наидуваат на гласни спротивставувања на конзервативците, клерикалците и традиционалистите од сите бои. Тие, погодувате, најмногу ламентираат врз губењето на идентитетот, традицијата (читај: историјата), јавниот морал и на слични измислици и будалаштини.
Тогаш се појавува Диркем со својата теорија за два типа солидарност, карактеристични за два типа општеството – предмодерното феудално и модерното капиталистичко. Најлаички кажано, Диркем вели дека едната солидарност се базира врз сличностите (предмодерната или механичката солидарност, како што ја нарекува), а другата врз разликите (модерната односно органската солидарност). Поентата на Диркем е дека во новото општество нема да се изгуби солидарноста или едно пошироко чувство на единство меѓу луѓето, туку дека тоа чувство и таа меѓузависност само ќе се трансформираат. Во модерното доба општеството ќе стане хетерогено, луѓето ќе работат различни професии, ќе имаат различни интереси и различни судбини. Меѓутоа, тие и натаму ќе бидат свртени едни кон други, затоа што уште повеќе ќе зависат едни од други. Ќе бидат солидарни токму поради своите разлики. И од тие разлики никој не треба да се плаши.
Во тоа време ова е навистина храбра идеја, а француската власт, цврсто решена да ја реформира државата, ја прифаќа со двете раце. И Диркем набргу станува професор на Сорбона, и тоа на единствениот задолжителен предмет на идните професори. Тогаш и ја реализира својата животна желба да ја востоличи социологијата како „вистинска“ наука. Токму овој однос на власта ги провоцира неговите опоненти да го квалификуваат како „платеник на режимот“, „поткуплив“ и слични познати етикети од современиот македонски вокабулар. Меѓутоа, денес се гледа дека идеите на Диркем не биле ниту наивни, ниту невистините, без оглед колку ѝ се допаѓале на владејачката елита. И модерното општество, со својот индивидуализам, капитализам, расцепканоста, послабата општествена контрола и поголемите лични слободи, се карактеризира со општествена солидарност. Односно, и во него постои онаа општествена нишка, „тајна врска“, што ги поврзува поединците и оневозможува општеството да се распадне по линиите на егоизмот и строго личните интереси.
Тоа е нишката што го прави општеството одржливо. Ако сакате и државата.
Веројатно не морам премногу да објаснувам зошто ја вадам оваа паралела со теоријата на Диркем. Затоа што конечно живееме во вистинско транзиционо време, кога механичката солидарност се трансформира во органска. А знаете ли каде е солидарноста најразвиена? Па, во Европската Унија, се разбира.
Оваа колумна е дел од граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“, финансирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“