пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
НОВА МЕТОДOЛОГИЈА: Ќе бидеме ли уште долго во чекалната на ЕУ?
Чекална, по дефиниција е место/простор во кој луѓето седат или стојат додека не започне некое случување/настан.
Во чекалните не се прави ништо посебно (можеби се читаат стари списанија, се слуша смирувачка музика, се разговара со некој друг што чека, се чита книга, се игра судоку, …). Зад вратата пред која чекаме се главните случувања кои треба да започнат во моментот кога ќе го преминеме прагот.
Чекалната е синоним за мртвило, неделување, неактивност, пасивност, …
Изминативе 20 години, политичките партии кои се борат на избори да дојдат на власт ги убедуваат граѓаните дека:
- Нешто ќе променат,
- Ќе преземат одредени активности,
- Ќе започнат некои дејствија,
- Ќе постигнат видливи резултати,
Тие ги убедуваат граѓаните дека:
- Знаат подобро од другите
- Умеат подобро од другите
- Имаат подобри решенија
И на крај – сите заглавуваат во истата чекална. Со „врзани“ раце, без суштински промени, со истите стари списанија во рацете. Чекалната станува изговор за непроменетата ситуација, за неспроведените реформи, за повторените грешки, за стагнацијата.
Мене навистина ме интересира зошто треба да отвориме некое поглавје за да го средиме судството. Кое поглавје ни е потребно за да не се носат закони по скратена постапка? Какво поглавје ни е потребно за да не се носи закон со кој државата ги легализира парите спечалени со продажба на дрога, на оружје и од трговија со луѓе? Кое е тоа поглавје без кое не можеме, за да се овозможи вработување во администрацијата според знаење и искуство, а не партиска припадност?
Кои се тие вредности кои не може да се практикуваат без започнување на преговорите? Чесност? Одговорност? Отчетност? Морал? Воспоставување правила, процедури и критериуми? Забрана на крадење и мамење? Помали бенефиции за функционерите?
Имам впечаток дека ова седење во чекалната, всушност, е наменето само за граѓаните. Дека чекалната е посебен вид затвор за граѓаните. Тие се заробени во безличниот простор со старите списанија и затворени шалтери. Изолирани. Немоќни. Без информации.
Властодршците се надвор, многу единствени и еднодушни, и го користат секој момент за енормна пљачка на јавното добро.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Тесктот е личен став на Авторката.