Во вторникот попладне кај мене дома дојде Александар, синот на мојот сосед, Филип, кој живее три ката под од мене, кој патем е и стечаец. И покрај целата мака во која живее ова просечно македонско семејство, Александар е и тоа како одлично воспитано момче. Тоа е за восхит. Воедно, Александар е и некој кој размислува неверојатно логично. Што е уште повеќе за восхитување. Секогаш ми е пријатно кога сум во негово друштво. Уживам да сум во друштво на луѓето со едноставна интелигенција.
Го повикав да ми помогне околу некои работи кои требаше да ги завршам по дома. Александар секогаш е тука кога треба некому да се помогне во нашиот влез.
Откако завршивме со обврските му велам да седне да испиеме по едно пиво. Отворам две лименки. Му ја подавам неговата. Наздравуваме.
Александар во моментов е на 24 годишна возраст, роден е во Скопје и, наједноставно кажано, сака максимално да ужива во животот. Во една прилика пред нешто помалку од две години додека седевме кај мене на терасата го прашав каде се гледа себеси. Ми рече дека многу сака да патува, да посетува фестивали низ Европа, да продуцира музика, истата да ја сподели со јавноста и заедно да создаваат убавини додека уживаат во сето тоа. Му реков дека му стојам на располагање со се’ што би можел јас да помогнам. Од тогаш па наваму се среќававме, но, за жал, не толку често. Најчесто се среќаваме низ влез. Кога ќе се пресретнеме, ќе застанеме, ќе се изнаправиме муабет и после секој по дома. Во сите тие наши разговори во влез никогаш не го прашав дали почна да создава музика. Очекував сам да ми се пофали дека тоа го прави кога ќе ме пресретне.
И додека седиме кај мене во дневната го прашувам:„Што слушаш периодов?“
„Депеш Моуд“ – ми одговара.
„И правиш ли музика“ го прашувам.
„Не правам ништо“ ми одговори како од пушка со полунервозен тон. Но, сепак, на крајот од таа реченица и ми се насмевна, веројатно од што сфати дека го повиши тонот пред човек кој не е виновен за ништо што му се случува нему во животот. Потоа го задржавме погледот малку подолго еден кон друг. Во очите му препознав длабока тага. Ги испивме пивата.
„Ќе пиеме уште по едно“ – го прашувам.
„Може“ – ми вели.
Влегов во кујната. Застанав пред фрижидерот. Си помислив, кој знае, можеби и јас сум виновен што не сум малку поактивен во неговиот живот, можеби оваа мала доза на нервоза која ја извади со насмевка всушност и беше директно посочена кон мене. Можеби тој цело време очекува јас да почнам да му помагам. Земам уште две пива. Ги носам. Отвораме. Наздравуваме.
„Која ствар од Депеш моуд ти е нај ОК“ – го прашувам само за да се обидам за почеток да ја оттргнам темата која насетувам дека ќе дојде кај и да е. Од тие причини свесно го носам разговорот во насока во која можеби она што ќе следи ќе биде помалку болно.
„Не се битни Дешеш Моуд, ич не ми се битни. Глеј кај живееме бе. Глеј.“
„Кај живееме?“, прашувам.
„У држава у која се плашиш и да мислиш самостојно доколку не стои партија зад тебе, која и да е. Се плашиш да кажеш нешто на глас пошто после можеби ќе настрадаш. Ова овде се претвори во место во кое ништо, ама буквално ништо не можеш да направиш заради тоа што си, заради тоа што вредиш, се претвори во место во кое мораш да бидеш нешто, само и само за да преживееш. Тука ќе ги исклучам оние минимум исклучоци.
Ние тука преживуваме, Војо, преживуваме. Многу е голем процентот на млади кои не се занимаваат со она што навистина сакаат, со она во што се најдобри. Се занимаваат со работи кои ги мрзат од дното на душата само за да однесат леб дома.
Да, да, навечер после ултра напорен ден кој не можат да го поднесат заради тоа што не се таму каде што сакаат да бидат, се враќаат во истата таа дома во која уште живеат со родителите, кои се стечајци, заборавени од животот, не од системот, од животот заборавени, живи се, а не се, исто како ние младите, живи сме, а не сме. И ние со нив почнавме секој ден да гледаме телевизија, односно вести да гледаме и да очекуваме дека уште од утре се’ ќе биде подобро и ова во кое сме живееле до сега веќе нема да постои. Очекуваме дека истото ќе го покрие некаква црна завеса и ќе остане засекогаш заборавен период за сите нас кои живееме тука. Јас имам 24 години. На овие мои години кога сум најпродуктивен, најдобар, најсилен, се чувствувам згмечен затоа што морам да слушам некого што ќе ми каже, односно ќе ме малтретира без никаква причина, само и само за да можеме да се прехраниме јас и моето семејство. Кога си одам накај дома навечер плачам, ако ми веруваш. Тоа ли е начинот? Еве ти кажи ми, ти си ми повозрасен батко, ти кажи ми. Така ли треба да биде?“
„Не треба да биде така“ му одговарам со наведната глава.
„И кое е решението. Го имаш ли. Кажи ми, кажи ми како да ја направиме оваа земја да биде еднаква – идентична со оние во кои одиме на по неколку денови во текот на годината за малку да се понадеваме дека некаде има живот, да се понадевавме дека и на нас еден ден ќе ни биде добро, дека ние младите ќе сме насмеани и среќни, дека ќе го правиме она што сакаме, она во кое сме најдобри бидејќи само така истата оваа држава во која живееме сите заедно и Македонци и Албанци и Роми и Турци и Срби и Хрвати и Власи, сите заедно, можеби тогаш најмногу ќе биде профитабилна и ќе почне да цвета. Тогаш, ние младите, а и не само младите и постарите, но, и оние кои доаѓаат после нас ќе го работиме – создаваме она што сакаме да го работиме, она што најсилно го чувствуваме, она во што сме најдобри, а не она што мораме да го правиме за да ги прехраниме нашите напатени родители. Што ли толку згрешивме во претходниот живот па господ не’ казни и не’ насели тука?“
Настапи молк. Каква фраза кажа детево, помислив. Морав некако да ја скршам паузата.
„Верник си?“, го прашав.
„Не сум. Во ништо веќе не верувам.“ ми рече со тажно лице.
Го испи пивото. Лименката ја остави на малото масиче во дневната и ми рече: „Морам да одам. Ако нешто ти треба, барај ме. Тука сум“.
Го испратив до врата. Пред да излезе му реков: „Создавај музика. Почни. Логичен си. Ќе ти успее, ќе видиш“.
„Ќе почнам … ама не тука“.
„Не биди на крај срце, ќе биде подобро“.
Ми се насмеа со полунасмевка во знак на милост кон мене и си замина. Се почувствував ко за греота да сум што му го кажувам ова.
Еден час подоцна по порака во Месинџер ми ја испрати песната од Депеш Моуд „Одејќи во моите чевли“ (Walking in my shoes).
И ми напиша: „Ова е мојата омилена од Депеш моуд“
И додека ја слушав песната почнав да ја раскревам дневната. Наидов на ливчето кое додека Александар ми ги изнакажа сите оние работи јас со пенкалото сум чкрткал по него. Ужас!