Весела Чернева, заменик директор на влијателниот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи и директор на Канцеларијата во Софија, за МИА вели дека во интерес на двата народа, и на бугарскиот и на македонскиот, е Договорот за добрососедство да види подобри времиња.
– Договорот за пријателство од 2017 е еден многу пристоен документ, којшто требаше да биде исполнет со содржината од оние кои го потпишаа. Тој требаше да ги стави на брза писта билатералните односи: политичките, но и во сите други области, истакнува таа.
Според неа, четири години подоцна речиси ништо не е направено за инфраструктурата, инвестициите, културната размена и „заслугата“ е на двете страни.
-За жал, идејата дека можеме да усвојуваме закони и потоа да не ги применуваме, е многу распространета на Балканот. И за жал, Договорот спаѓа во таа категорија, вели таа.
Во однос на дебатите за внесување на Бугарите во Северна Македонија во Уставот на земјата, Чернева посочува дека кога Софија говори за правата на Бугарите во Северна Македонија, таа треба јасно да се повика на нив како посебна група.
-Друго е да кажеме „сите Македонци се Бугари, затоа не може да се малцинство“, а тоа очигледно е апсурдно“, оценува Чернева.
Во врска со актуелните случувања на бугарската политичка сцена и очекувањата дали со новата влада ќе се направи пробив во разговорите со Скопје оваа година, Чернева вели дека новиот Парламент ќе биде комплексен, но најважен сегмент за промена на бугарската позиција.
– Во него веќе има политички сили, кои се обидуваат да најдат излез од ќорсокакот – најмногу „Демократска Бугарија“ (ДБ), но има и други. Во „Има таков народ“, тонот е се уште за пронаоѓање решение, истакнува Чернева.
Таа вели дека прашањето е колку горе на дневниот ред на Парламентот ќе биде ова прашање, а тоа, според неа, не е јасно поради приоритетите околу актуализирање на буџетот, Планот за обнова, Зелениот договор итн.