ДЕХРАН МУРАТОВ
Во понеделник премиерот Христијан Мицкоски најави дека очекува да бидеме меѓу првите пет-шест економии во Европа, меѓутоа вчера гордо соопшти дека сме четврта економска сила во ЕУ. Се плашам денес да не каже дека „ако се стегнеме малку до петок (до Курбан Бајрам) ќе го заземеме првото место, односно ќе бидеме на врвот.
Нѝ фалеа „убавите времиња“ од владеењето на Никола Груевски кога бевме „први“, “втори“ или “трети“ економии во свет. Ама еве, Мицкоски повторно нè враќа во „рајска Македонија“.
„Четвртата економија“ во ЕУ не се замара колку чини четврт бурек.
Да не збориме за тоа колку се поскапени сите производи. Деновиве имав прилика поради подготовки за Курбан Бајрам, да разгледам подетално како се движат цените на прехранбените производи, облека, обувки, јагниња/телиња, баклава… Цените се до плафон, ама откако вчера дознав дека сме четврта економија во ЕУ одма подобро се осетив.
Можеби јас, (а верувам и поголемиот дел од граѓаните) ќе изоставиме некои намирници за празникот поради скапотијата, ама битно „гордо“ (ќе) се чувствуваме оти сме од земјата на која и завидуваат и љубоморат светските економски сили!
Власта откако ќе заврши со прославата за економскиот успех, нека се симне од облаци и нека ги праша обичните граѓани како го преживуваат месецот, особено оние граѓани кои имаат минимална просечна плата, која никако да им ја зголемат.