Државава ќе ја добие таа вакцина против Ковид-19, која прва ке биде регистрирана и одобрена преку Ковакс механизмот. Реално би било тоа да се случи во првите месеци од 2021 година, вели за МИА, проф. д-р Александра Грозданова од Фармацевтскиот факултет при УКИМ, која е претседател на Комитетот за имунизација.
Договорот со Ковакс механизмот, посочи таа, кој Република Северна Македонија го потпиша предвидува вкупна количина од 800.000 вакцини, односно по две дози од вакцината за вкупно 400 илјади луге.
– Во првите 20 проценти се предвидува вакцинирање најпрво на ризичните групи како здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Потоа секако се планира набавка на дополнителни количини на вакцини и за останата популација, потенцира д-р Грозданова.
Компанијата „Фајзер“ веќе поднесе апликација за т.н итна постапка за одобрување на вакцината во Управата за храна и лекови (ФДА) во САД, а оваа процедура се очекува дека да ја користат и производителите „Модерна“ и „АстраЗенека“ за регистрација во Европската медицинска агенција. Како што вели д-р Грозданова, најавите се дека веќе во декември можно е да ја имаме првата одобрена вакцина за Ковид-19.
Исто така, лекот „Фавипиравир“, кој според светските клинички студии дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот, се очекува набрзо да пристигне во државава, изјави за МИА директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани.
Лекот, посочи, е одобрен од Агенцијата за лекови, и се продава со различни трговски имиња: „Авиган“ од Јапонија и „Фавира“ од Турција.
– Една од компаниите најверојатно ќе го донесе „Авиган“ оргинаторот, оргиналиот лек од Јапонија, а кога ќе биде тоа зависи од техничките услови. Тие имаат одобрение уште денеска, уште утре да го донесат, но кога ќе го донесат тоа не зависи од наша страна. Другата компанија сака да го увезе лекот „Фавира“ од Турција и тој го одобривме откако ги проверивме сите сертификати. Турција е поблиска и најверојатно многу брзо ќе биде достапен кај нас. Лекот се очекува набрзо да пристигне во државава, рече Шабани.