Многумина денес тагуваат по Југославија.
Најмногу тагуваат оние кои живееја подолго во неа. Да, тоа беше режим, но, според многумина беше мек режим во кој луѓето беа среќни. Се’ беше регулирано како што треба. Сите имаа. Ретки беа оние кои беа на улица. Речиси и да ги немаше. Државата овозможуваше нормален и пристоен живот. Ако денес излеземе и направиме анкета од крајот на Вардар до крајот на Триглав, каде ќе поставиме само едно елементарно прашање:
„Дали ви недостасува животот во Југославија?“ можам да се кладам дека над 50% ќе речат – ДА.
Јас сум еден од оние кои уште ја живеат Југославија, на еден одреден симболички начин. Секоја година најмалку по три пати ја поминувам со воз целосно поранешната татковина од горе до долу. Од тука и тврдам за процентиве за кои пишав погоре. Лично јас сум испитувал луѓе на оваа тема, онака незадолжително. Верувајте ми, многу повеќе од 50% се’ за да се врати назад и она време, и сето тоа кое она време го содржеше во себе.
* * *
Никогаш нема да го заборавам распаѓањето на Југославија. Бев дете. Она што најмногу ми остави впечаток во цел тој џумбуш беше спокојството на татко ми, кој, додека лежевме во креветот навечер во дневната соба и гледавме на ТВ ЈУТЕЛ како пламти татковината, тој користеше шеги само за да не се исплашиме повеќе одошто бевме. Беше трагично. Ние бевме деца кои одеа во петто / шесто одделение. Немавме поим што се случува. Свесни не бевме каква тешка траума следува за нас во годините кои надоаѓаат.
Тогаш прв пат го слушнав зборот национализам. И искрен да бидам, не знаев што значеше тоа. Во Југославија се’ беше како што треба, барем за нас беше се’ што треба. И затоа не знаев што е тоа национализам.
Со татко ми, во тоа време буквално секоја втора недела одевме на градски стадион да го гледаме Вардар и редовното коло на фудбалското првенство на Југославија.
Пред да влеземе на стадион задолжително седнувавме во
„Езерце“. Таму татко ми и неговите другари се собираа пред натпревар на „по некоја“, потоа одевме на стадион да го гледавме Вардар. Секогаш на јужна во тоа време. Татко ми свесно ми дозволуваше да слезам кај „Комити – Стара Гарда“ и заедно со нив да се дерам на цел глас … ВАРДАР … ВАРДАР … ВАРДАР … се сеќавам и на денот кога Панчев премина во Звезда и кога дојде да игра против нас во Скопје. Цел градски урлаше: „Иди Даре кој те е.., може Вардар и без тебе“. А, ќе пукневме од мака сите до еден што веќе не е во Вардар. Го сакавме. Му бевме лути што не’ остави.
После секој натпревар на Вардар назад во „Езерце“. Татко ми и другарите ги сублимираа впечатоците од натпреварот, на уште „по некоја“. И после тоа дома.
Тоа беа среќни денови за нас. Малку, но, јас до ден денешен ги паметам.
* * *
На вестите соопштија дека во Белград, на собранието на КПЈ, Словенија одлучи да се одвојува од заедницата. Кратко по тоа почна да тресе по Словенија. Стануваше жестоко. Тенкови пукаа на сите страни. Млади војници кои ги снимаше ТВ ЈУТЕЛ по планините кажуваа дека не знаат зошто се овде и дека едвај чекаат да си одат дома.
Неколку месеци подоцна на Максимир се здробија „БББ“ и „Делије“. Ѕвонимир Бобан дури и нападна полициско лице, заради тоа што, како што тој кажа го бранел брат му од режимската полиција. Три години претходно, во 1987, кога и Вардар беше шампион на Југославија со Панчев и Рингов, истиот тој Ѕвоне Бобан беше детето кое го даде водечкиот гол за 1:0, за Југославија против Германија во финалето на светското младинско првенство во фудбал и не можеше да ја сопре среќата. Турнирот беше во Чиле. Натпреварот заврши 1:1 во регуларниот дел, потоа Југославија победи на пенали 5:4 и стана светски шампион.
Од 1991 кон 1992 година почна војната. Словенија веќе беше одвоена. Тоа беше периодот кога ФК Црвена Ѕвезда стана европски шампион во КЕШ (денес попознато и како лига на шампионите во фудбал). Пред да почне да пламти во Хрватска, во Вуковар, Југославија стана светски шампион во кошарка. Тоа е она извикано финале каде Владе Дивац го фрла знамето на Хрватска на земја за да го подигне Југословенското. Години и години потоа за таа постапка тој рече;
„Не направив ништо погрешно. Лично сметав дека во тие моменти нема место за национализам“.
Бевме европски шампиони три пати по ред со КК Југопластика од Сплит, подоцна ПОП 84, токму во тие последни три години од постоењето на татковината, со Кукоч во тимот, Сретеновиќ, Савиќ, Раџа, Душко Ивановиќ, Перасовиќ, па дури и Пеце Наумоски беше едно време со нив. КК Југопластика беше европски шампион, а Дражен Петровиќ играше за Цибона, кошаркарскиот Моцарт, како што го нарекуваа многумина. Најдобриот кошаркар о на сите времиња во Европа. Најдобриот не беше во тимот со клупски најдобрите.
Бевме шампиони и во ватерполо, Металопластика го победи Атетико Мадрид во ракомет за европски шампион, на територијата на татковината се создаваше веројатно една од најмоќните рокенрол сцени во цел свет. Свиреа; ЕКВ, Бјело дугме, Азра, Рибља чорба, Идоли, Забрањено пушење, Џорџе Балашевиќ, Лајбах…
Војната ја парчеше државата по сите основи, а спортот и уметноста на истата таа држава, го парчеше останатиот дел од светот, по сите основи. Топ Листа се зезаа за сите пари на темата. На крај Неле дури и отпеја:
„За сву вашу зајебанцију једном чете платит цех“.
Во војната Босна најмногу настрада. Сараево беше град во кој граѓанската војна траеше најдолго, односно најдолго во историјата на човештвото градот Сараево беше под опасада. Речиси четири години. Тоа е истиот оној град кој само осум години пред да почне да гори во 1984 година го собра целиот свет на зимските олимписки игри на Јахорина. Не знам дали опсадата над Сараево беше еден вид иронија кон филмот „Валтер го брани Сараево“ но, како и да ја читаш целата таа приказна трагедијата беше крената на највисоко ниво.
Во 1995 година се’ се заврши со оној Дејтонски договор.
Живеевме во омраза едни кон други. Но, не многу долго.
* * *
Три години подоцна фудбалскиот клуб Реал од Мадрид направи шампионски тим. Во тој тим во нападот познатиот италијански фудбалски стратег Фабио Капело, по мене еден од најдобрите на сите времиња, ги донесе Предраг Мијатовиќ и Давор Шукер. Тоа се истите оние двајца „раскарани“ другари од репрезентацијата на Југославија, онаа, која го покори светот во Чиле 87та година. Ги донесе за да ја растурат и Шпанија и Европа во фудбал. Во Реал кратко играа и Просенички и Роберт Јарни.
Потоа, ко за инат почнаа да се прават тандеми во големите европски клубови каде заедно играа фудбалери од разлутените бивши југословенски републики кои го „масакрираа“ фудбалскиот свет, оние прваците од Чиле 87та. Пример „Савичевиќ и Бобан“ играа заедно во Милан кој беше Европски и шампион. Заедно се радуваа кога ја згмечија Барса во Атина, а Дејо му даде лоб на Зубизарета на гол линија. Дејо мајсторе па ти си бог! Се радувавме на нивните клупските успеси како никогаш претходно ништо да не се случило во нашата заедничка поранешна татковина. Уште имавме чувство дека сме заедно, а не бевме. Сето тоа беше само три години по Дејтонскиот договор.
Сите повторно почнавме да се радуваме на успесите на нашите, кои веќе не беа наши. Како и да е, никој не остана рамнодушен.
* * *
Национализмот траеше многу кратко. Барем според мене. Оној најжестокиот. Да, за жал, го има и денес на одредени места во некакви микро количини на територија на целата поранешна татковина. Го има и кај нас, во Македонија. За тоа најмногу жалам. Жалам од причина што до пред само десетина – петнаесет години нашата татковина Македонија беше позната како ОАЗА на мирот. Земјата каде вечно сонцето сјае.
И одеднаш од нигде никаде се појави целата таа национал-шовинистичка помрачина која, којзнае каде се криеше сите оние години наназад. Толку се замрзевме меѓусебно ние Македонците што почнавме и деца да си мешаме за повеќе да се навредиме еден со друг, да измислуваме пороци едни за други за што повеќе да дискредитираме, се поделивме на наши и ваши, на педери, лезбејки, шиптари, каури, предавници, комуњари, соросиди, платеници, лустририани,и останати материни… се поделивме во милиони микро зла. Се замрзевме едни со други до степен да не можеме очи да си видиме. Ние тука што живееме, во оваа денешна Македонија, од која пола и повеќе се иселија по распадот на татковината, киднаа за подобар живот, а ние, кои останавме тука, се мрзиме секој ден се повеќе и повеќе без при тоа да се познаваме лично кои сме, од кај сме, чии сме. Се мрзиме само затоа што некој има поинаков став од твојот. Мразиме без аргументи. Едноставно мразиме. Во време кога светот забрзано оди напред и сите поранешни републики од Југославија се пред вратите на успехот и решавањето на поголемиот дел на проблемите ние сега одлучивме да се мрзиме меѓусебно на основ на национализам. Не. Не е ни национализам. Кој знае што е? Овој повеќе ја сака, оној помалку ја сака татковината, ти си предавник, ти си шиткач, платеник, парољубец или како и да е веќе ..
Знае ли некој зошто се случи ова?
Знае ли некој, кој така одеднаш ја поттикна целата оваа национална омраза? Кога почна?
Знае ли некој што не’ растажи нас Македонците толку многу?
Што не’ претвори во ова?
Како дојдевме до овде?
Кој не донесе овде?
Во Македонија на површина исплива национализмот и, при тоа плива во валкана вода. Плива со толкава сила ко да му е последната трка која мора да ја добие сега или никогаш. А, тоа се случува точно тогаш кога најмалку треба да плива било каде, кога треба да се препушти на моментот, кога треба да ја остави валканата вода да замине во канализацијата и да ја снема еднаш засекогаш одовде.
Е ние сме тие кои точно тогаш кога треба да се сплотиме и да бидеме сите заедно решивме да пливаме во валканици и да се мрзиме меѓусебно.
Лично јас сакам целосно да исчезне национализмот, да го снема, да замине засекогаш одовде, бидејќи тој никаде нема да не’ однесе, само ќе не столчи уште повеќе одошто сме сега столчени, а сме и тоа како. Ќе не’ извалка уште повеќе одошто сме сега, а сме извалкани и тоа како. Не смееме да дозволиме да не уназади некој – никој, особено не во време во кое повторно сите, сакале или не почнаа да се соединуваат, да рационализираат, да одат напред.