ВОЈО МАНЕВСКИ
Кога ќе измине еден временски период, имам чувство како да сум пред некоја голема врата која треба да се отвори. Пред да се фатам за нејзината квака главата сама ми се врти наназад. Се напнувам и ја отворам врататa, па застанувам на нејзиниот праг. Необјасниво чувство кога ниту излегуваш, а ниту влегуваш.
Еден чекор само те дели од излегувањето, а исто толку од враќањето назад. Ме влече тежината на сеќавањата да останам меѓу нив и да им се придружам во вечноста. Ме турка напред надежта дека со себе ќе ги понесам само убавите спомени, а сѐ она што мачнина ми создава и ми прави тажен грч на лицето ќе го оставам на оваа страна од вратата, заедно со годината која изминува. Не ми оди далеку погледот наназад, исплашен сум од она што може да го видам, а низ кое сум поминал во изминатата година и сите оние години пред неа.
Таман ги концентрирам мислите и погледот да видам што оставам зад себе, како црни облаци погледот ми го привлекуваат тешките спомени за лицата кои никогаш веќе нема да ги видам. Ниту нивниот глас ќе го слушнам, ниту погледите ќе ни се вкрстат, ниту некогаш намерно ќе се сретнеме. А си заминаа они што беа нераскинлив дел од мојот живот. Кој ли дел од спомените за нив да ѝ го оставам на изминатата година и времиња, а кој да го понесам со себе во Новата година. Ее, кога би имал некое сито да ги просеам спомените, а да ги задржам само оние што утре ќе ме крепат во она што новото време ќе ми го донесе. Немам сито, туку ранец сраснат со моето тело во кој си ги носам и спомените и надежите заедно. Нема делба, нема сеење, сите заедно ќе чекориме додека заедничката тежина не ни го сопре одот.
Ги стеснувам клепките за да го изострувам погледот и да догледам што подалеку. Како волшебен божилак ми се мешаат боите и се испреплетуваат меѓу себе. Која ли од нив е вистинската, која е добрината, убавината? Зошто убавото се меша со грдото и прави нејасна слика? Што ли во минатото, во годината што измина беше убавото, доброто, вистинското? Зошто лагата ја затемнува вистината, зошто ликот и го затскрива и тешко може човек да ја распознае? Веројатно намерата е алатката која и помага на лагата да се појави во сите форми, ама со една задача – да ја затскрие вистината. Се обидувам да погледнам уште во длабочината на минатата година и годините кои беа пред неа. Како густа мрежа се исправа пред мојот поглед стравот испреплетен со грозни ликови, замрзнати во крик.
Од што се плашиш си мислам, па зарем не виде досега многу стравотни крикови и неверства, пропаднати надежи и пресечени иднини. “Од твојот страв за стравот кој го преживеа ми одговара нешто длабоко во мене. Стравот од минатото што не те пушта да го одделиш чекорот од прагот на вратата која ја отвораш. Полесно ти е да ја треснеш вратата и да си останеш меѓу познатите дилеми и стравови, ама стравот од нив те тера да се соочиш со стравот од иднината и непознатото“.
Полека како да имам тони во нозете ги подигам и зачекорувам напред. Со десната рака ја отворам ширум вратата, а со левата го растерувам воздухот пред мене. Дланката ја ставам над очите и се обидувам да погледнам кон иднината. Светлоста на непознатото и надежта не ми даваат да догледам далеку и чекам да ми свикнат очите на нив. Ја повлекувам и десната нога на прагот, а вратата ја подзатворам. Веќе погледот ми допира подалеку и воздухот се разредува. Некаде по страните на очигледот се истите сенки на сеќавањата, ама сега лицата не им се смркнати, не се покриени со темнини. Некако како да се задоволни што ги носам со себе и ми помагаат да гледам и подалеку и поведро.
Ти сега гледаш и за нас и се надеваш и за нас, чекориш таму каде ние не стигнавме. Знаеме дека не ти е лесно, ама нашата тежина полека ќе се намалува и нема да ти тежи, туку и ќе ти дава сила да продолжиш. Не се замислувај дека си подобар од нас и дека ти си избраниот. Не, само нашето време изминало и нашиот чекор сопрел. Ти и не си бил сам и само ти, сите сме отсекогаш едно. Затоа ти ќе чекориш сѐ додека не измине твоето време и сите сеќавања ќе ги понесе некој друг, за да го изоди неговото време и неговиот од.
Погледнувам веќе во далечината, а божилакот од бои сѐ уште се меша пред моите очи. Сега некако неговите состојки од сите човечки темни и светли страни ми се појасни. Како да ја согледувам нивната разлика и ми се дава патоказ да ги изберам по желба подобрите и подоблесните бои.
Ја повлекувам десната рака и ја затворам вратата на минатата година и на сите изминати времиња. Стојам на тесниот праг пред да зачекорам во новото време и гледам како од непознати врати со мене влегле и старите сенки на сеќавањата, но новите надежи сега стојат пред нив како чувари на патот кон новото време и нема да им дадат да го сопрат мојот несигурен чекор. Со десната или со левата нога да зачекорам се двоумам. Се занишувам пред одлуката, а кваката на вратата ме поттурнува на средина од грбот, па место со едната нога, едноставно скокнувам во Новата година и новото време.
Е, ај нека е среќна Новата година за сите што како мене се двоумат со која нога да исчекорат, а и на сите оние што со двете нозе скокнуваат во неа! Среќна Нова година мои почитувани читатели!












