СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Во Македонија демократијата се унапреди, но дебатата исчезна. Најгледаните медиуми канат едни исти гости, кои говорат на сите теми. Конечно, ги легитимиравме овие луѓе да бидат стручни лица за се.
А, да не зборуваме од дебата да научиш нешто, да извлечеш некој поука. Не, слушаме само едни исти луѓе со познати ставови, со погледи кои се поцврсти и од партиските ставови на партиските претставници.
А, младите? Каде се? Ги нема и ретко има простор за нив. Простор, од една страна, да научат нешто и да учествуваат во дебатата, која не постои, од друга страна.
Она што се случува на македонскиот простор е навистина загружувачко. Како држава го подигнавме нивото на демократија, но дебатата не оживува. Дебата не се креира со едни исти луѓе кои ги гледаме со години и истите секогаш зборуваат на едни исти теми и ставови кои и ние како луѓе кои ги следиме од време на време ги запаметивме.
Секако, за исклучоци, за среќа, можеме да зборуваме. Така и во овој случај тие постојат. Еден од тие позитивни примери е токму ЦИВИЛ со конкретни дебати од кои произлегуваат аргументирани ставови. Згора на тоа, она што го прави ЦИВИЛ јас го доживувам и како стратешко дејствување и негување на дебатата од кои треба да произлезат решенија.
Мора да работиме на дебата. Ние како гледачи, читачи и слушатели и медиумите. Ние како граѓани да сме повеќе заинтересирани за суштина, а не за сеир, а медиумите да се водат од јавниот интерес, а не исклучивот од гледаност или кликови.