На 06 октомври e демолиран автомобилот на носителот на советничката листа на СДСМ за струмичко Ново Село, Иле Илиев, од кое се одземени неговите лични работи.
Илиев на својот Фејсбук профил објави видео во кое прашува: „За ваква ли мирна кампања зборувате ВМРО-ДПМНЕ! Жално… Не ли помисливте на моите деца кога ќе треба да ги носам во градинка и на училиште! Со кој стрес тие ќе се соочат! Нека ви е на чест!“.
ЦИВИЛ исконтактира со Звонко Ангелов, кандидат за градоначалник на општина Ново Село од СДСМ, при што ни кажа дека за време на кампањата ова е единствен инцидент и дека МВР работи на расчистување на случајот.
Ангелов додаде дека носителот на советничка листа добивал и заканувачки пораки и не упати за повеќе информации да го исконтактираме Илиев.
ЦИВИЛ се обиде да стапи во контакт со Илиев, но до објавување на текстот нашите обиди беа неуспешни.
ЦИВИЛ го исконтактира и Ѓорѓе Божинов, кандидат за градоначалник на општина Ново Село од ВМРО-ДПМНЕ кој ги демантира и отфрла обвинувањата дека членови/симпатизери на неговата партија стојат зад инцидентот.
„Најосто го осудуваме инцидентот кој се случи и бараме од надлежните органи веднаш да го расчистат овој немил настан и сторителот да биде изваден пред лицето на правдата. Нашата кампања не се базира на насилство притисоци и уцени“, вели Божинов, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Видеото е преземено од Фејсбук профилот на Иле Илиев, носителот на советничката листа на СДСМ за струмичко Ново Село.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ