Од 14 до 17 септември 2005 година, експерти за избори од целиот свет учествуваа на Глобалната конференција на претставници на изборите во Унгарија. Преку оваа конференција тие испратија важна порака за виталната потреба од зајакнување на процесот на демократски развој низ целиот свет.
Поради важноста на оваа порака, учесниците покренаа иницијатива да се одржи годишен „Глобален ден на изборите“ во првиот четврток од февруари секоја година.
Државната изборна комисија, заедно со изборните комисии од целиот демократски свет, денеска го одбележува Глобалниот ден на изборите 2022 година.
Главните цели на овој ден се: Потврдување на нашата верба во демократските процеси, информирање на јавноста за новите достигнувања и предизвици поврзани со различни видови гласачки системи, свртување на вниманието на парламентите, владите, политичарите и светските лидери за важноста на нивната лидерска улога што ја играат во промовирањето на културата на демократија и високото ниво на учество на гласачите, влијание врз оние кои првпат гласаат и младите гласачи да се посветат на демократските вредности.
ЦИВИЛ активно учествува со свои предлози и препораки. Тоа се надоврзува на активната улога на организацијата уште од 2008 година кога за првпат се вклучува во изборниот мониторинг.
ЦИВИЛ е една од најгласните организации кои повеќе од една деценија редовно испорачува извештаи, анализи и препораки кои се однесуваат на изборниот систем, правото на глас и изборните процеси воопшто.
Меѓу најчесто повторуваните препораки е и препораката за една изборна единица, како и низа елаборирани препораки за почитување на правото на глас на сите граѓанки и граѓани подеднакво. Државата е таа што има стриктна обврска да го почитува правото на глас и да овозможи максимални услови тоа да се практикува без никакви препреки, притисоци и злоупотреби.
ЦИВИЛ континуирано прави опсежни анализи и на политичкото финансирање и финансирањето на политичките кампањи, како и на улогата на медиумите во изборните процеси.
Анализата може да се прочита ТУКА.












