Со серија од написи деновиве ги потсетуваме институциите на препораките на ЦИВИЛ низ годините и се надеваме дека јавноста ќе ги земе предвид како материјал кој може да послужи понатаму во граѓанската едукација за правото на глас и изборната култура во нашата земја.
Во контекст на процесот на измени и дополнувања во Изборниот законик кој го води Министерството за правда, ЦИВИЛ активно учествува со свои предлози и препораки. Тоа се надоврзува на активната улога на организацијата уште од 2008 година кога за првпат се вклучува во изборниот мониторинг.
ЦИВИЛ е една од најгласните организации кои повеќе од една деценија редовно испорачува извештаи, анализи и препораки кои се однесуваат на изборниот систем, правото на глас и изборните процеси воопшто.
Меѓу најчесто повторуваните препораки е и препораката за една изборна единица, како и низа елаборирани препораки за почитување на правото на глас на сите граѓанки и граѓани подеднакво. Државата е таа што има стриктна обврска да го почитува правото на глас и да овозможи максимални услови тоа да се практикува без никакви препреки, притисоци и злоупотреби.
ЦИВИЛ континуирано прави опсежни анализи и на политичкото финансирање и финансирањето на политичките кампањи, како и на улогата на медиумите во изборните процеси.
Итни препораки за изборниот систем, ЦИВИЛ, 2 март 2018
Препораките се добронамерни, разумни и конструктивни критики.
Она што следи во продолжение се препораките за кои веруваме дека ќе им бидат од корист и помош на релевантните институции за адресирање на најчестите прашања кои постојано ги спречуваат гласачите да ги остварат своите права. Овие препораки се комплементарни со оние на ОБСЕ/ОДИХР и Извештајот на Прибе. Повеќето од овие препораки се веќе презентирани на јавноста и на институциите во државата во минатото, но, сепак, многу малку досега е сторено за нивна имплементација.
Државна изборна комисија
Државната изборна комисија (ДИК) на Република Македонија и сите нејзини тела мора да се реформираат, решително и бескомпромисно. Крајната задача на ДИК мора да биде осигурување дека изборниот процес е фер и законски, како и да се заштити правото на сите граѓанки и граѓани на земјата.
Пред да се воведат нови реформски мерки, мора да се истражи однесувањето на ДИК во периодот од 2015 до 2018 година и мора да се преземе законска одговорност. Во случај на очигледна и докажана злоупотреба на јавните ресурси и корумпирано или некомпетентно одлучување, одговорните страни треба да бидат санкционирани. Како што се откриваат нови случаи на корупција и нефункционалност, ние ќе ги проучуваме и ќе развиваме понатамошни препораки за потребните реформи.
ДИК мора да стане тело на квалификувани, независни експерти со обуки според меѓународни стандарди за демократија и човекови права – а не претставничко тело на најголемите политички партии во земјата.
Бројот на членовите на ДИК мора да биде намален на седум члена. Очигледно е дека решенијата во Договорот за надминување на политичката криза (Пржинскиот договор) се делумни. Потребни се одржливи и квалитетни решенија со цел да се надминат долгогодишните општи недостатоци на системот.
Правното одделение на ДИК мора да биде обучено и професионализирано. Истото се препорачува и на сите други оддели на ДИК.
Мора да се воведат и доследно да се спроведат правни мерки за спречување и санкционирање на политичкото влијание и мешање. Неказнивоста и политичкото договарање околу одговорноста на највисокото тело на ДИК мора да заврши еднаш и засекогаш.
Сите одделенија и тела на ДИК мора да бидат намалени, а работните места да бидат дефинирани со прецизни описи, одговорности и овластувања на вработените во ДИК, а секако да бидат и јавно објавени.
На општинските изборни комисии (ОИК) треба да им се овозможи да функционираат без оглед на финансиската состојба на општините и треба да бидат финансирани од државата.
Членовите на ОИК треба да бидат независни, обучени експерти, а не претставници на политички партии или политички интереси.
Општинските изборни комисии не смеат да останат само уште едно место за партиско вработување. Мора да им биде овозможено да ја зголемат својата ефикасност, одговорност и транспарентност. Во исто време, ОИК мора да бидат намалени до рационални пропорции.
Членовите на избирачките одбори во многу наврати покажаа тотално незнаење и го прекршија Изборниот законик и процедурите за време на изборите. Во иднина, ДИК мора да воведе поефикасна и потемелна обука на Избирачките одбори, врз основа на пракса и наоди од мисиите за мониторинг на изборите и приговорите на граѓаните.
Пристапноста на избирачките места мора да стане реалност, а не декларативен став. Повеќе од една третина од избирачките места во земјата не се достапни за лицата со посебни потреби. Владата и ДИК треба да ги идентификуваат сите избирачки места со прашањата за пристапност и да ги направат 100% достапни.
Изборниот материјал (гласачки ливчиња, насоки, итн.) мора да биде разбирлив и достапен за сите, вклучувајќи ги и лицата со оштетен вид.
Родовата рамнотежа треба да стане цврст критериум. Секаде каде што бројот на членови на некоја структура е непарен, процентот треба да биде во корист на женските членови, почнувајќи од составот на членовите на Комисијата.
1. Реформи на изборниот систем: една изборна единица; отворени листи; дијаспора; намалување на обемот на парламентот
Македонија треба да стане една изборна единица. Со спојувањето на сите шест изборни единици во една, системот ќе обезбеди повеќе можности за помалите политички партии и различни заедници за да се натпреваруваат за застапеност во парламентот. Ова ќе придонесе кон надминување на доминацијата на само неколку големи политички партии на политичката сцена и ситуација во која помалите политички партии немаат друга опција освен да влезат во коалиција во која служат исклучиво како бројка, без можности соодветно да ги претставуваат оние кои ги избрале. Ова, исто така, ќе ги олесни компликациите околу различниот и непропорционален број на гласачи во изборните единици, како што е случајот со години наназад.
Се залагаме и за отворени листи, за гласачите да имаат поголема контрола врз тоа кого ќе го изберат на функција. Овие решенија веќе подолго време ѝ се презентираат на јавноста, но се игнорирани од страна на владејачките партии. Изборниот модел на Република Македонија веќе неколку пати претрпе измени, но никогаш не се земени предвид решенија кои би воделе кон застапеност на сите заедници и на помали политички партии, каков што е моделот според кој целата земја би била една изборна единица. Во исто време, отворените листи на кандидати ќе обезбедат поголема демократија во рамките на политичките партии, а што е уште поважно, ќе ја зголемат одговорноста на пратениците.
Гласањето на дијаспората мора да се редефинира за да се обезбеди вредноста на гласот од дијаспората да биде еднаков на оној на гласачите во земјата. Најефикасниот начин да се постигне ова би било да се претвори Република Македонија во една изборна единица, во која што и дијаспората би гласала. Земјата е премногу мала за нејзините 120 пратеници. ЦИВИЛ веќе одамна има предложено намалување на собранието на 90 пратеници. Ние предлагаме конкретни решенија со едноставни и јасни мерки кои мора да се земат предвид за да се елиминираат сериозните недостатоци на изборниот систем. Секако, свесни сме дека се потребни политичка волја и доблест за нивно усвојување и спроведување.
2. Едукација на гласачите
Државните и локалните власти, предводени од страна на Државната изборна комисија, а во соработка со релевантни граѓански организации и медиумите, треба да работат на едукација на гласачите на одржлив и ефикасен начин. Семејното и групното гласање, политичката корупција, заплашувањето и притисоците може да се намалат, ако гласачите се свесни за своите права и ако имаат основни информации во однос на постапките за пријавување и поднесување жалби.
Кампањите за јакнење на јавната свест се често одвоени од реалноста и вистинските потреби на гласачите. Граѓанската едукација и кампањите треба да се спроведуваат на долгорочна основа и треба да бидат реални, разбирливи, мерливи, одговорни и ориентирани кон резултати.
Граѓанската едукација ќе ја потенцира праведноста, а ќе ја намали конфузијата и ќе превенира бројни компликации кои настануваат поради недостаток на знаење за процедурите и стандардите. Не секогаш мора да чинат многу (како досега), но треба да станат дел од политичката култура на општеството.
3. Злоупотреба на деца и малолетници за политички цели
Злоупотребата на деца и малолетници се евидентира во сите изборни процеси во земјата и се врши од страна на сите политички субјекти во земјата. Ова мора са престане! Во текот на овие и претходните избори, нашите набљудувачи беа сведоци и поднесоа извештаи во однос на тоа како децата се користат како реквизити за време на политичките кампањи и врз кои наставниците вршат притисок да бидат присутни и да учествуваат на политички митинзи.
Во текот на претходните избори слушнавме бројни жалби за тоа дека децата ги прашувале за политичката наклонетост на родителите и дека биле пратени да вршат притисок на своите родители да гласаат на одреден начин. Политички партии и поединци кои ги користат децата или малолетниците за политички цели, мора да се соочат со правни последици за овој вид престап.
На училиштата и советите на родителите треба да им се овозможи да дејствуваат превентивно против ваквите практики. Секој наставник, административец или функционер кој ќе врши притисок врз учениците за политички цели треба да биде строго санкциониран за ваквата активност.
4. Купување гласови
Поткупот на гласачи е забранет со закон, но ние на секои избори, вклучувајќи ги и локалните избори во октомври 2017 година, откриваме дека овие забрани не се доволни за да се спречи ваквата пракса. Според членот 162 од Кривичниот законик на Македонија, кој се однесува на изборен поткуп, сите ветувања за подароци или други бенефиции во замена за гаранции на однесувањето на гласачите се казниви со казна до пет години затвор.
Сепак, кривичниот законик, исто така, содржи одредби со кои се минимизираат случаите на поткуп, наведувајќи дека “ако добивката е со помала вредност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затворска казна до една година”. Ние веруваме дека ваквиот јазик ја поткопува сериозноста на проблемот со поткуп и истиот мора да се промени. Исто така, проблематична е одредбата во кривичниот законик каде стои дека ако “правно лице” се вклучи во поткуп, случајот ќе се реши со парична казна. Значи, ако претставник на некоја институција, организација на граѓанското општество, компанија или политичка партија го стори кривичното дело купување гласови, санкцијата е парична казна.
Овој став од законот треба да биде избришан или модификуван со цел да претставува посериозна закана за овој вид на кривично дело. Покрај ревизија на Кривичниот законик и соодветните регулативи, препорачуваме да се спроведе кампања за информирање на јавноста за случаите на поткуп и многуте форми во кои може да се појави.
Можно е поголемиот дел од македонските граѓани да не знаат дека и тие можат да бидат прогласени за виновни за мито, затоа што побарале бенефиции во замена за нивниот глас. Од суштинско значење е сите граѓани темелно да се запознаат со оваа тема и да имаат пристап до механизми за пријавување случаи на поткуп на гласачи.
5. Кршење на изборниот молк
Потребно е обновување на обврската за почитување на изборниот молк за сите политички партии. На сите избори кои ЦИВИЛ досега ги следеше, забележавме флагрантно кршење на законски предвидениот 24-часовен период на предизборен молк кој треба да им претходи на денот на изборите, како и на самиот ден на гласањето. Локалните избори одржани на 15 и 29 октомври 2017 не беа исклучок. Ги набљудувавме повредите од сите страни и ги поттикнувавме сите политички партии да го почитуваат законот и да престанат со изборната кампања за време на изборниот молк. Со оглед на тоа дека граѓаните на Македонија се свесни дека овој период на изборен молк е регулиран со закон, неговото прекршување служи само за влошување на довербата во изборните процеси. Она што особено загрижува се социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер, како и многуте интернет страници со нејасна или никаква очигледна сопственост на кои во текот на изборниот молк се спроведува интензивна и остра кампања.
Институциите мора да преземат конкретни и одлучни мерки за спречување и санкционирање на кршењето на изборниот молк. Тие, исто така, мора да креираат и спроведат кампањи за подигање на свеста за да објаснат дека повредите од овој вид ја нарушуваат легитимноста на изборниот процес и го намалуваат кредибилитетот на политичките партии што ги извршуваат ваквите активности. Државната изборна комисија (ДИК) треба да изнајде уште повеќе механизми за пријавување на кршењето на изборниот молк за граѓаните. Особено ако луѓето можат да докажат дека овие прекршоци се случиле, со доставување на фотографски или видео доказ, нивните приговори мора да се сфатат сериозно и заслужуваат целосен одговор.
подготви: Биљана Јордановска
Препораките се објавени во публикацијата „Слободни избори: Научени лекции“, која пред јавноста беше претставена на 15 февруари 2018. Поголем дел од препораките со години се презентира во јавноста и се доставува до институциите.