Авионот на Романското воено воздухопловство во два налети дејствуваше на пожарот во Општина Прилеп кај селата Топлица, Ракле и Никодин, што е делумно локализиран, но на одредени места се уште има чадење. На терен се екипи на Армијата и ШС Црн Бор од Прилеп, информира Марија Милкова од Центарот за управување со кризи на попладневната прес-конференција.
До 16:00 часот, во земјава с уште активни се осум пожари, а останатите се делумно локализирани, извести Милкова. Пожарот во Делчевскиот регион во село Разловци и село Нов Истевник е ставен под контрола, а има мало чадење во местото викано Грбовец, но пожарот е под контрола.
„На терен се екипи од пожарната, странската помош, МВР и Армијата. Пожарот во Пехчево во село Будинарци се уште е активен. Имаше моменти кога се надевавме дека пожарот е локализиран, но се појавија нови жаришта. На терен се припадници од Армијата, МВР, ШС Малеш, ШС од Струмица, противпожарни бригади од Скопје, Кавадарци и Штип, вработени од ДЗС, ЕВН, месно население, меѓународни тимови од Словенија и Австрија и други субјекти кои се справуваат со огнената стихија, рече Милкова.
Активен пожар, како што кажа, има и во Општина Сарај во селата Раовиќ и Буковиќ каде на терен има екипи од Националниот парк Јасен, ШС Караџица, ПП бригада на Град Скопје и жители од општината.
„Активен е и пожарот во Општина Петровец со селото Дивје на месноста викана Крушје, кој беше ставен под контрола, но во 13:30 часот повторно изгуби контрола. На терен се претставници од ШС Караџица, Армијата и локалната самоуправа. Пожарот во Општина Чашка, кај село Владиовци беше локализиран во утринските часови, меѓутоа во 13:30 часот повторно беше активиран. На терен се претставници од ПП единица од Велес и месно население“, објасни Милкова.
Таа нагласи дека пожарот, кој во попладневните часови избувна во с.Герман кај Ранковце, е ставен делумно под контрола и на терен е единица од ПП Ранковце и ШС од Крива Паланка. Во врска со шпекулациите дека таму има жена со деца, рече дека навреме се спасени и не се загрозени.
Милкова понатаму информираше дека е ставен под контрола пожарот во штипските села Драгоево и Селце, иако на одредени места има појава на чадење. На терен се претставници од ТТППЕ од Штип, МВР, Општина Неготино и други лица од месното население, рече Милкова и додаде дека другите пожари се делумно локализирани.
Попладнево, како што соопшти Милкова, се појавија пожари во велешкото село Којница, Крајница и Извор каде гори нискостеблеста мешана шума. На лице место се 11 вработени од ШС Бабуна и се очекува овој пожар да биде локализиран до крај на денов. Попладнево, посочи, избил пожар и во кочанско Костин Дол, но се држи под контрола и нема опасност да се прошири.
Милкова извести дека е направена смена на меѓународната противпожарна помош од Бугарија, чии екипи беа на терен во Пехчевско. Тие се заменети со нови и веќе се пристигнати три противпожарни возила со неколку пожарникари во земјава кои, како што кажа, во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат распоредени таму каде што е потребно.
Милкова воедно информираше дека е во тек состанок на Главниот штаб, се прави попладневен пресек, а воедно се одредуваат и мерки каде, кога и кои субјекти на кои локалитети да дејствуваат во текот на утрешниот ден.