ВЕСТ НА ДЕНОТ
Маричиќ: Говорот на Мишел е сериозна пресвртница во политиката на ЕУ за проширувањето
Говорот на претседателот на Европскиот совет го гледам како една сериозна пресвртница во политиката на ЕУ кон проширувањето бидејќи за првпат после претходното проширување имаме временска одредница која што официјално лице на ЕУ ја претставува како можен термин за наредно проширување, вели во изјава за МИА вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Ваквиот сигнал од ЕУ, според Маричиќ, треба да се искористи и би било жално доколку ја пропуштиме шансата и се блокираме самите себеси.
– Тоа е многу важен сигнал од ЕУ што ние мора да го искористиме. Тоа значи дека сите напори што ги вложуваме сега, оваа година, сите напори за кои што ни велат дека брзаме, се оправдани и и сакаме да го фатиме возот, да ја фатиме оваа можност што ни се дава, вели Маричиќ.
Пораката испратена од Бледскиот стратешки форум, оценува Маричиќ, е доволен сигнал дека работите во ЕУ се менуваат кон подобро, кон поповолно за нас и што побрзо ги завршиме нашите обврски, толку побрзо ќе се најдеме во групата на следни членки на ЕУ.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Чешка е наш значаен и докажан сојузник со кој веќе три децении градиме пријателски политички и економски односи. Особено ja цениме недвосмислената и отворена чешка поддршка за македонските евроинтеграции и пристапните преговори кои ги водиме, со цел, имплементирање на сите есенцијални реформи и наша брза интеграција во ЕУ, оцени претседателот Стево Пендаровски, кој од денеска престојува во официјална посета на Чешката Република.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ На маргините на Бледскиот стратешки форум, денеска, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ оствари конструктивна средба со заменик претседателката и министерка за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Тања Фајон, на која беше испратена порака дека ЕУ создава позитивен политички моментумот кој е погоден за брз напредок на Северна Македонија на европскиот пат.
ЕКОНОМИЈА Мерки за инфлацијата може да нема, а може и утре да има, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши по работниот состанок со раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
МОН Испораката на учебниците ќе заврши на 1 септември, за шесто одделение ќе се доставуваат во текот на месецот.
ПРОТЕСТ Денеска во 18 часот, пред Министерството за правда ќе се одржи протест против извршителите.
ПОЛИТИКА Независниот пратеник Скендер Реџепи, кој недоамна ја напушти партијата Алтернатива, најави дека ќе формира нова политичка партија.
ГРАД СКОПЈЕ Директорката на ЈП Комунална хигиена Косана Мазнева не ја почитува одлуката на Државниот инспекторат на трудот при Министерството за труд и социјална политика кои по инспекциската вонредна контрола утврдиле дека неосновано се избркани 31 вработен од ЈП Комунална хигиена-Скопје. Во решението кое го обезбеди Градска редакција се вели дека ЈП Комунална хигиена не постапила по првичното решение на инспекторатот па сега име е доставено второ решение кое по 10 дена треба да постапи и да ги поништи одлуките за отказ на 31 вработен од комуналец.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Претседателот Володимир Зеленски им оддаде почит на загинатите бранители на Украина. Шефот на државата нагласи дека војниците го бранеле правото на Украина да биде меѓу слободните народи по цена на сопствениот живот.
*
Московскиот суд ги осуди Руслан Левиев и Мајкл Наки на 11 години затвор затоа што во март минатата година на платформата Јутјуб објавиле видео со „лажни информации“ за руските вооружени сили и руските власти, се вели во соопштението на обвинителството. во апликацијата за комуникација „Телеграм“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„А со изјавата на „ајатолахот“ на МПЦ – ОА дека „т.н. борци за правата на жените ја навредуваат природата на жената и нејзиното природно право на мајчинство“, освен што е лага (борци за правата на жените не го оспоруваат правото на мајчинство на жената, туку се борат за родова еднаквост, истата таа жена да има еднакви права во општеството) туку и самиот себе се негира и го доведува во прашање постоењето на монашки братства и сестринства, кои седат во манастирите наместо да раѓаат, да се множат?!“, пишува Драган Мишев во колумната „Мизогинијата и хомофобијата на г. г. Стефан задскриена зад грижата за идните поколенијата“.
*
„Христијан Мицкоски, „миленикот“ на Никола Груевски и Виктор Орбан, не може да не се однесува вака кон државата и кон граѓаните кои очекуваат европска иднина. ВМРО-ДПМНЕ својата политика веќе ја претвори во фолклоризам и лажен патриотизам, но Европа на иднината е друга форма на политика. Христијан Мицкоски очигледно заборава дека младите кои имаат право на глас се генерација на иднината, која не се грижи многу за минатото“, пишува Дестан Јонузи во колумната „Лажниот патриот“!
*
„Како тоа изгледа во нашата реалност? Еве на пример: Мицкоски (солистот!) зборува купишта гадости за СДСМ и Ковачевски. И сите тие зборови некако звучат „автентично“ и „вистинито“, без разлика што и порано сме слушале поголеми и поавтентични гадости. А ако сте ги слушнале – и за некое чудо сте ги заборавиле – тоа е затоа што обично гадостите се заборавливи“, пишува Ненад Јовановиќ во колумната „Ескобар, западните вредности и лагите на превртливата опозиција“.
*
„Мицкоски на некој начин ги „тормози“ и претставниците на САД и на ЕУ кои се обидуваат пријателски да помогнат на европскиот пат на Македонија, ставајќи ги во позиција да се мешаат во внатрешните работи на една суверена земја.
Но, ако еднаш им го завртиш грбот на овие пријатели, како што тоа го прави Мицкоски, биди сигурен дека тие сите ќе ти го завртат кога најмногу ќе ти требаат.
Затоа подобро да му го завртат нему грбот сега, одошто тоа да и го сторат на Македонија подоцна“, пишува Љубиша Николовски во колумната „Да се живее под тортура на Мицкоски“.
Д. Муратов