Дерала, ЦИВИЛ: ЦИВИЛ подолго време го набљудува процесот на референдумот, поврзан со прашањата со Грција, односно пристапувањето кон НАТО и ЕУ. Ние во текот на летото и од почетокот на септември, особено интензивно го набљудуваме теренот низ цела Македонија, посебен фокус ставаме на тоа како се подготвува референдумот, меѓутоа и на активностите на политичките партии и другите структури и граѓански иницијативи кои се залагаат за референдумот и за излезноста на референдумот, а секако и на активностите што се однесуваат на противењето против овој референдум и против спогодбата.
ЦИВИЛ веќе во голем број свои објави, наоди и текстови, колумни и анализи, говори за состојбите во земјата, но се работи и за едно класично набљудување на теренот каде во претстојниот период ќе излеземе со секојдневни извештаи од теренот.
Веќе објавивме дека во две сосема различни општини, наши долгорочни набљудувачи јавуваат за подготовка на една активност која ги таргетира посиромашните слоеви на населението и се работи за задржување на личните документи, со кои може да се гласа. Односно на 29 септември да им се одземат привремено и да им се вратат ден потоа со намера да ги спречат да гласаат. Според нашите најнови сознанија ова се одвива по пат на закани.
Сè уште не сме откриле случај во кој се нуди паричен надоместок односно поткуп, што исто така е кривично дело, туку уште се работи на закани, односно убедување на граѓанките и граѓаните од социјално загрозените семејства да ги предадат своите лични документи и така да бидат спречени да го исполнат своето фундаментално човеково право, правото на глас.
Тоа што, исто така, го забележуваме и за кое реагиравме во повеќе наврати, меѓу другото и до релевантни институции, меѓу кои и Министерството за внатрешни работи, е говорот на омраза и повиците на насилство.
Говорот на омраза претежно е насочен кон различните етнички заедници, меѓутоа и на политичка основа говорот на омраза е исполнет со страшни закани, што навистина го намалуваат достоинството на целиот процес и воопшто достоинството на граѓанките и граѓаните. Тој е и своевидна опасност затоа што може да доведе и до криминални акти, односно насилство од омраза. Тоа е нешто што мора да го адресираме час поскоро и институциите многу сериозно да реагираат и да ги санкционираат ваквите изблици на омраза и на опасност по целиот демократски поредок. Не се работи само за референдумот туку се работи воопшто за една крајно незаконска активност на одредени структури.
Забележуваме исто така дека зад тие структури без оглед на тоа колку се трудат да бидат затскриени зад синтагмата граѓанска иницијатива, сепак, стојат политички партии. Знаеме дека некои од нив и сосема отворено излегоа во повиците за бојкот со насилни протести, но и со изразен говор на омраза, но и дел од политичките структури, како што е најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, прикриено, на терен работат токму на бојкот.
Без оглед на јавните декларации оваа партија излегува на терен со директни и конкретни акции. За тоа веќе имаме извештаи од теренот, од повеќе општини низ Македонија и тоа мислам дека е тоа е причина повеќе за нас како организација да се ангажираме во уште побудно, посериозно и подлабоко набљудување на теренот. Но, истовремено да ги алармираме граѓанките и граѓаните дека нешто такво се случува и дека не би требало да бидат предмет на манипулации.
Тие треба да си го искористат своето право на глас, да гласаат онака како што мислат, против или за, и секако да имаат предвид еден јасен факт: ако апстинираат од гласањето, тогаш нема да учествуваат во една голема одлука. Едноставно, другите, оние што ќе одлучат да гласаат, тие ќе одлучуваат за судбината на земјата, а не тие, затоа што одлучиле да останат дома. Ова е многу јасна и мотивирачка причина што би требало да ги убеди да излезат и да потрошат 10/15 минути од своето време на 30 септември.
ЦИВИЛ апелира на гласање и искористување на правото на глас, меѓутоа во ниеден момент немаме намера да сугерираме како да гласаат граѓанките или граѓаните.
ЦИВИЛ го нотираше и настапот на премиерот и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во Крива Паланка и на неколку други места. Особено сметаме дека е за одбележување, моментот во кој се забележува сериозна политичка корупција, односно ветување награда, иако не е ветена директно, туку е раскажана како искуство во комуникација со бизнис заедницата, сепак сметаме дека тука има елементи се коруптивни и сметаме дека тоа е нешто што не треба да се прифати и е надвор од стандардите.
Ние и за време на локалните избори во 2017 година забележавме слични настапи и постапки. Откако ја алармиравме јавноста тие изгубија на интензитет. Така и сега апелираме јавноста да донесе информиран избор, но сепак наградата, особено ако таа е финансиска не би смеела да биде дел од убедувањето, односно од кампањите на било која страна инволвирана во овој референдумски процес.
Уште еднаш ќе повторам граѓанките и граѓаните би требало да останат достоинствени и смирени и да не одговараат на говорот на омраза со говор на омраза.
Обработка на текст: Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Владо Крстевски
Видео-став на ЦИВИЛ е содржина што се објавува секојдневно и се однесува на актуелните општествени состојби.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.