Во Музејот на современата уметност во Скопје, вчера се одржа дебатата „Дизајнот како глас на директната демократија“ која е во склоп на изложбата “Votes and Voices“ во организација на Швајцарската амбасада и Музејот за дизајн и визуелна комуникација во Цирих.
За тоа дали дизајнот може да биде алатка на директната демократија и колку уметничкиот активизам може да придонесе за подобро утре зборуваа Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, Александар Јованоски – Хелсиншки комитет за човекови права, Ладислав Цветковски – Факултет за ликовни уметности и Лазе Трипков – Плакарт. Дискусијата ја водеше Ана Јовковска.
“Мислам дека добар одговор на оваа тема би бил еден цитат од Мајк Монтеиро, тоа е еден американски дизајнер, ко-основач на Mule Design, една интерактивна платформа за дизајн, кој вели ‘Дизајнот се секогаш политички’, рече Дерала.
„На страна сето она што подразбира партиска политика која впрочем и го инфицираше ова општество до крајни граници, за да направите некаква промена во општеството, вие мора да излезете со некаква порака. Секоја порака, било да станува збор за графичка или текстуална содржина, таа со себе и во себе иманетно носи дизајн. Бара дизајн. Бара да ја дизајнирате. Во таа смисла на дизајнот може да се гледа како на превозно средство, како линк меѓу тоа што вие сакате да го соопштите на своите целни групи, на своите конституенти. Без дизајн вие не можете ништо да пренесете до оние луѓе кои сакате да бидат на ваша страна во таа општествена или политичка промена која сакате да ја постигнете. Заради тоа дизајнот е ужасно важен“, истакна Дерала, додавајќи дека ЦИВИЛ како организација тоа го практикува од самите нејзини почетоци.
„Буквално сè што правиме е пропратено со обиди на нашите пораки да им дадеме таков дизајн за да бидат јасни, за да бидат продорни и за да можат да допрат што е можно повеќе, полесно и поуспешно кај оние кои сакаме да ги имаме на наша страна за да ја постигнеме таа промена“, рече тој.
За скапоплатените кампањи Дерала вели: „Супер изгледаат, но сепак како малку да ја промашуваат темата бидејќи на крајот изгледаат како кампањи за најнов модел на машина за перење алишта. Не се вистински поврзани со суштинската потреба на граѓанките и граѓаните да бидат информирани и поттикнати да учествуваат во одредена промена“.
Дерала смета дека референдумот и сите други облици на директната демократија се злоупотребуваат токму од структурите на моќта, како политичките партии.
„Само да ве потсетам на локалните избори во 2017 година, во време кога паралелно со локалните избори една политичка партија и неколку други иницијативи организираа иницијативи за организирање на локални референдуми во исто време со локалните избори против изградба на кампови за мигранти. Во тоа време силна беше кампањата во која се промовираше хистерија против мигрантите. И така дојдовме до ситуација во која дури 14 општини, односно советите на 14 општини успеаја да издејствуваат одлуки за референдум. А знаете ли колку мигранти во тој момент имаше во Република Северна Македонија? Нешто повеќе од 10, ама помалку од 14. Сето тоа беше придружено со сериозна кампања која беше многу отворено и вулгарно дизајнирана и која удираше токму во најчувствителните делови од општеството. Кај родителите: ‘Сакате ли вашето дете да изгледа вака?’, па гледате дете облечено во црна одора. Тоа е дизајнот на тие кампањи. И знаете, кога дизајнирате кампања, многу лесно можете да дизајнирате кампања која е против, која промовира негативни вредности. Затоа што таа често е вулгарна, директна, валкана, многу лесно може да се опише. Исто така, многу е лесно да се изманипулира одредена состојба и да се прикаже како сосема обратна. За разлика од дизајнот на кампањите кои зборуваат за вредности, за напредок, за прогрес, за инклузивност, за еднаквост, за човекови права и слободи. Тоа се потешки кампањи. Затоа што патеката по која треба да се стигне до одредени состојби кои имаат врска со сите овие поими и вредности е многу потешка, покомпликувана, многу богата со нијанси и со огромен број на предизвици“, истакна Дерала.
текст и фотографија: Маја Ивановска
камера и монтажа: Биљана Јордановска