„За слободните избори не смее и не може да се преговара! ЦИВИЛ – Центар за слобода повикува на максимална заштита на правото на глас, на борба против корупцијата и купувањето на гласови. Граѓаните во Македонија се толку сиромашни што еден глас чини и само 500 денари. Бараме професионализација на Државната изборна комисија, за да не биде поприште на политички судири и на корупција. Имаме ситуација во која се прават подготовки да се спроведе референдум, но ДИК не е спремен да го спроведе… Изборниот законик сè уште има сериозни недостатоци“, изјави Џабир Дерала, на отворањето на денешниот настан „Аларм: Слободни избори, услов за кој (не) се преговара“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
На денешниот настан, посветен на граѓанките и граѓаните, на правото на глас, на правото на учество во одлуките, и на правото на слобода, Дерала во своето излагање ги наведе препораките на ЦИВИЛ , за неминовните реформски зафати во изборниот процес кој мора итно да се спроведат, за да се избегнат досегашните форми на тешка манипулација со волјата на гласачите и на грубо кршење на човековите права и слободи.
Настанот „Аларм: Слободни избори, услов за кој (не) се преговара“ е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.