Успешното спроведување на концептот „Едно општество за сите“ е гаранција за стабилноста и безбедоста за државата, изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ, во разговор за Утрински брифинг.
Анализите на ЦИВИЛ на Стратегијата „Едно општество за сите“ упатуваат на заклучокот дека Владата настојува да ги промовира вредностите на толеранцијата, правичноста, еднаквите можности, признавање на различностите, мултикултурализмот и интеркултурната комуникација. За тоа, во Утрински брифинг зборуваше Дерала.
Имавме многу позитивна средба со Ковачевски. Позитивно изненадување е затоа што не очекувавме дека во вакво кризно време ќе се најде толку време за оваа тема. Разговаравме за три големи теми, како што се мултикултурализмот, изборните реформи и дезинформациите во контекст на украинската криза, што се извонредно битни теми за кои разговаравме час и половина. Сфативме дека Ковачевски, иако перцепцијата за него е дека тој е фокусиран само на економијата и дека пристапот му е технократски, тој многу добро ја разбира стратегијата и мултикултурализмот. Мора да се знае дека Стратегијата е гаранција за безбедноста и стабилноста на нашето општество. Тој не троши пари, но многу враќа, па дури и во економијата на подолг рок, потенцира Дерала.
Политичкиот проект Едно општество за сите, како национална стратегија, е дел од обврските и на Националниот координатор за интеркултурализам и едно општество за сите, Роберт Алаѓозовски, кој е и координатор на телото за мултикултурализам.
Забележуваме дека поголем проблем за спроведување на стратегијата има на пониски нивоа, каде што сѐ уште има остатоци од претходниот режим. Во последниот период можеме да забележиме подобрување на кохезивноста и интерсекторската соработка во Владата, вели Дерала.
Дерала дополнува дека меѓународните фактори многу добро ја разбираат важноста на Стратегијата за стабилноста и безбедноста на земјата, бидејќи пропагандните центри прво ќе се обидат да ја разбијат кохезијата на општеството.
Една од петте препораки што ги испорачавме до Владата преку Ковачевски е дека Едно општество за сите како содржина не е доволно застапена во јавноста. Од друга страна и интересот на медиумите е слаб. Ако сега разговаравме за меѓуетничка тепачка, сите ќе сакаа да слушаат и гледаат. Можеби ќе треба и ние да го смениме аголот. Затоа јас ја ставам безбедноста на општеството на прво место. Ако нема заедништво, ќе има меѓуетничко насилство и насилство меѓу различни групи, истакна Дерала.
Д.Мишев