Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска изјави дека кога ќе се поднесе барање за азил и кога некоја држава ќе поднесе барање за екстрадиција, тие два процеси ако одат паралелно, екстрадицијата чека додека не се даде одлуката за азил.
„Оваа процедура која што досега се спроведува во Унгарија е процедура која што ние ја очекувавме и ја знаевме дека прво ќе се даде одлуката на постапката за азил, а потоа би се разгледувало прашањето за екстрадиција. Барањето за екстрадиција е навистина образложено, со сите аргументи и доколку се одлучува врз основа на правни процедури врз правни основи треба да биде удоволено. Досега со Унгарија не сме имале проблем околу екстрадицијата во ниту еден случај. Никогаш Унгарија не покренала никакво прашање ниту за состојба во затвори, ниту за сомневање во делување на судството, за да одбие екстрадиција. Ова не е прва екстрадиција, која што ја бараме, но се надевам дека нема да отскокне да биде прва што ќе биде одбиена“, додаде Дескоска.
Дескоска рече дека Унгарија има нов закон кој што се однесува на азилот, којшто е прилично рестриктивен и кој што дава можност дури и за отповикување на дадена одлука за азил и дека Владата размислува да испрати барање на отповикување на одлуката за азил.
„Доколку Груевски не добие државјанство тогаш неговата одлука, дури и во овој случај да биде преиспитана по барањето на Владата, би требало според унгарските закони да биде преиспитувана на секои три години“, додаде Дескоска.
А. П.