Претседателот на Собрание, Талат Џафери во телефонски разговор за Телма ги негираше тврдењата на Мицкоски дека тој добил УСБ во 2022 година со докази за тајните средби на функционери на ДУИ и СДСМ со Груевски, нарекувајќи ги шпекулација за дневно-политичка употреба.
Апсолутно неточно. Чиста шпекулација за дневно политичка потреба. Ниту имам потреба да добивам, ниту да примам било какво УСБ. Ако има нешто нека докаже. Пред кого сака, пред Господ, пред Алах, пред држава, нека почнат постапка и нека докажат дека Талат Џафери примил УСБ. Чиста шпекулација, изјави Талат Џафери за телевизија Телма.
Опозицискиот лидер Мицкоски во интервју за Алсат, на прашањето кој од ДУИ тајно преговарал со неговиот претходник во ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговори дека треба да се прашаат Али Ахмети и Талат Џафери какви УСБ-а добиле пролетта 2022 и што има во нив.
Па еве ќе ги прашате и Талат Џафери и Али Ахмети за содржината на тоа УСБ, на тоа плико и каков документ имало во тоа плико и јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и внимателно ќе следам дали ќе ја кажат вистината. Еве да оставиме тие да ја кажат вистината, бидејќи тие ги добиле два од трите документи, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Брвеница.