Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите најави дека ќе ги распише локалните избори на 6 август. Првиот круг на изборите ќе се закаже за 17 октомври. Согласно роковите од Изборниот законик и Уставот, локалните избори се одржуваат во втората половина на октомври, а мандатот на локална власт е 4 години без можност за продолжување.
На брифингот, Џафери објасни дека оваа одлука не е последица на договор меѓу партиите, туку дека е донесена исклучиво врз основа на законските рокови, бидејќи токму во тој период им истекува мандатот на актуелните градоначалници.
Собранискиот спикер пред новинарите зборуваше и за измените на Изборниот законик, но не сакаше да прецизира дали тие ќе бидат донесени пред годишниот одмор на пратениците кој почнува на 1 август. Тој посочи дека комисијата за политички систем треба да ги заврши амандманите. На измените на Изборниот законик досега се поднесени над 700 амандмани.