По повод одбележувањето на 20-годишнината од работењето на Македонската информативна агенција (МИА), претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери даде свое видување за досегашната и идната соработка со Агенцијата.
По 20-годишно постоење и професионално информирање какво е Вашето мислење за МИА и што очекувате од натамошната соработка?
– Дозволете ми во овој момент да ја искористам можноста да го честитам 20-годишното постоење на МИА. Имајќи предвид дека Собранието е основач на Агенцијата и пред кого одговара Агенцијата, мене ми е мило што можам да констатирам дека во овие 20 години Агенцијата успеа да се профилира во опусот на јавното информирање на граѓаните на едно задоволително ниво, во смисла на она што е професионалноста и етиката во професијана на информирањето на јавноста. Иако почетнички како и секоја институција се соочувала со проблеми додека се воспостави, среќен сум што Агенцијата успеа да го достигне очекуваното ниво на професионалност и со тоа да обезбеди соодветна комуникација меѓу институциите и Агенцијата, како и соодветно да биде информирана јавноста. Фактот што во овие 20 години нема демантирање на она што го пласира Агенцијата и фактот што вестите и информациите ги преземаат другите медиуми, покажува дека МИА достигнала професионално ниво , обезбедувајќи праведно и вистинско информирање на граѓаните и институциите, а со тоа не остава празнина кога станува збор за етичкиот однос кон професијата, да се биде новинар и новинска агенција.
Сметате ли дека рејтингот на МИА се движи во нагорна линија и дали сте задоволни од содржините кои ги нуди?
– Секако дека рејтингот на Агенцијата се движи во нагорна линија и мене ми е мило што е тоа така, имајќи предвид, како што кажав претходно, дека Собранието е основач. Во професионалниот и содржинскиот дел од работењето и информирањето не се чувствувам компетентен да ги толкувам содржините, но фактот, како што реков и претходно, дека сите вести и информации кои се пласираат до јавноста преку МИА, се преземаат како извор на информација од Агенцијата од другите институции, значи дека работата и содржински е квалитетна, па во таа смисла сметам дека Агенцијата е во ситуација да ги следи сите современи текови и промени, во смисла на технологијата и методологијата на општата комуникација со јавноста. Затоа верувам дека МИА ќе ја надоградува својата работа и ќе го задржи соодветниот квалитет кон содржините и односот кон професијата и обврските кои ги има.
Со каква порака би и го честитале јубилејот на МИА?
Единствена порака е да кажам ЧЕСТИТО, ЧЕСТИТО… Колку и да посакате и да има потреба во следните децении Агенцијата да опстои, да и служи на функцијата за која е формирана и да се надоградите во сите аспекти за се она што е примарна работа на Агенцијата. Честито уште еднаш.
Марсида Петрофски-Трајко
Фото/видео:
Фросина Насковиќ