„Имаме проблеми со неразбирање на мултикулурализмот и недискриминација во академската фела“, истакна проф. Елена Џукеска од Независниот академски синдикат на панел дискусија на ЦИВИЛ на тема „Недискриминација и мултикултурализам во училиштата.
„Има потреба да се прошири кругот на луѓе за обучување на професорите. Училиштата се места каде учениците се запознаваат со својата култура, но и со другите култури со кои ќе се сретанат. Сопствената култура не треба да ја градиме преку дискриминација. Секоја култура е мултикултура, тоа е битно да им го пренесеме на учениците бидејќи така нема да оставиме простор да се развива дискриминацијата…“, вели Џукеска.
„Политичките партии треба да покажат одговорност, ние сега сме во пострежимски период, диктаторот не е во земјата, но режимиот е се уште тука. Дел од академската фела немаа некои силни аргументи зошто да не се спроведат реформите во образованието, едноставно имаше лични и политички препукувања“, додаде таа на прашањето во врска со најавените образовни реформи.
Панел дискусијата е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија од 1 април оваа година. Проектот обединува повеќе компоненти од кои едната е „Застапување и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата во основните и средните училишта преку придонес кон реформите на образовниот систем“.
Д.М.