Движењето „Ние сме Македонија“ ги повикува сите Македонци кои се во дијаспората да се приклучат на утрешниот протест во Њујорк во 10 часот, пред Обединетите нации, за како што велат да го бранат и негуваат вековното име, идентитет, јазик и култура. Тие велат дека ќе ја штитат и промовираат унитарноста на државата, и преку организирање мирни и достоинствени протести ќе го изразат своето несогласување со политиката на актуелната влада.
„Разговорите за името на Македонија и непочитување на пресудата од Меѓународниот суд на правдата, двојазичност и федерализација на Македонија, редефинирање на историјата на Македонија и договорот за добрососедство и кршење на Уставот на Република Македонија“, се точките за кои Македонците од дијаспората ќе протестираат.
Тие ќе го афирмираат нивниот став за горенаведениве точки пред инситуциите на државите во кои живеат и пред Обединетите Нации, затоа што велат дека вистината и правдата се на нивна страна.
„Можеме да се разликуваме по политички определби, по размислувања, но горенаведениве точки треба да бидат над сѐ. Само обединети, со личен ангажман и масовно присуство можеме да успееме да се одбраниме пред еден од најсериозните напади и навреди на македонизмот откако постои“, велат од движењето.
Д.Муратов