Државната изборна комисија соопшти дека МВР ќе ги достави податоците на граѓаните што ќе влезат во Избирачкиот список до ДИК ден по распишување на изборите.
„МВР до ДИК ги доставува податоците на граѓаните што се полнолетни и кои на денот на изборите имаат важечка лична карта или патна исправа. Бидејќи за важечки документ се смета само издаден документ од МВР, ДИК ги повикува сите граѓани што сакаат да го остварат гласачкото право на престојните претседателски избори да ги подигнат подготвените документи од управните служби на МВР. Апелираме граѓаните тоа да го сторат најдоцна до петок, 8 февруари. Доколку не ги подигнат своите документи овие граѓани нема да бидат забележани во изводите на Избирачкиот список“, изјави Љупка Гугучевска, портпаролка на ДИК.
Избирачкиот список за претседателските избори на јавен увид ќе биде ставен најдоцна 15 дена по распишувањето на изборите, а граѓаните имаат 20 дена да се проверат во истиот и навремено да реагираат.
Што се однесува за навремено издавање документи за лична идентификација на лица со попреченост, Гугучевска изјави дека по поднесено барање, со прилог од соодветна документација, постои можност мобилна екипа да ги посети лицата со физичка попреченост и да ги изврши потребните процедури за издавање на лична карта или пасош.
Текст, фотографија и монтажа: Биљана Јордановска
Камера: Ариан Мехмети