Државната изборна комисија очекува да се надминат проблемите со уредите за гласање со идентификација од прст на гласањето во вториот изборен круг од Локалните избори. Ова на денешната прес-конференција го изјави портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска , и додаде дека биле направени дополнителни обуки на избирачките одбори.
Гугучевска изјави дека биле спроведени дополнителни обуки за претседателите и заменик-претеседатели на избирачките одбори за да им бидат појаснети процедурите при ракувањето со уредите за гласање со отпечаток на прст.
Се очекува во голем дел проблемите кои се појавија во првиот круг да бидат надминати. За таа цел, на располагање се ставени над 400 лица за техничка поддршка на избирачките одбори.
Проблемите со уредите за биометриска идентификација го одбележаа почетокот на изборниот ден во првиот круг од Локалните избори. Проблеми со фингерпринт апаратите се бележат насекаде низ земјата. Неколку стотици извештаи од страна на набљудувачите на ЦИВИЛ од целата земја говорат за проблеми со овој уред. На граѓаните им беа понудени алтернативни решенија за гласање, со оставање отпечаток од прст на хартиениот избирачки список, на стариот начин со прскање со спреј.












