Населението директно да се информира за резултатите од мерењата и да се обезбеди еднаков пристап до вода за пиење за сите граѓани во државата преку инвестиции во нова и одржување на постојната инфраструктура. Исто така, потребен е почест мониторинг на квалитетот на водата за пиење, а за поефективна контрола и санкционирање на загадувачите, потребен е редовен инспекциски надзор.
Ова се дел од препораките на учесниците на дискусијата со граѓани „Достапна и чиста вода за сите“, која ја спроведе Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамки на кампањата „Разбистри сè“.
Според учесниците, проблемот за пристапот и достапноста на вода за пиење се должи на старите цевки, дефектите и оштетувањата во водоснабдителните системи, како и на зголемениот број новоизградени објекти и диви приклучоци кои ги оптоваруваат градските водоводни мрежи. Како проблем го посочија и лошото менаџирање со јавните комунални претпријатија и вработувањето на нестручен кадар. Тие сметаат дека плаќаат повисока цена од реалната и дека во некои населени места нискиот квалитет на водата за пиење дополнително го зголемува револтот кај жителите кои одбиваат да ги плаќаат сметките за вода.
Како што соопштија од ИКТС, според најголем дел од учесниците на дискусијата, информациите од јавните претпријатија не стигнуваат до нив или не можат да ги разберат објавените податоци, а не се доволно информирани ниту за работата на инспекциските служби кои вршат проверки на квалитетот на водата за пиење.
-Учесниците на овој настан укажаа и на загадувањето на површинските води. Сметаат дека постои ниска свест и индивидуална одговорност кај граѓаните кои фрлаат ѓубре, смет и кабаст отпад во реките, дека индустриските капацитети загадуваат преку директно исфрлање на штетни материи и отпад во реките, дека рудниците се потенцијална закана за површинските води преку директно загадување или загадување на подземните води и дека потенцијална закана е и употребата на хемикалии во земјоделството, соопштија од Институтот за комуникациски студии.
Учесниците исто така предложиле изградба на нови и одржување на постојните пречистителни станици, како и отворање центри за управување со отпадот т.н. регионални депонии, кои ќе го третираат отпадот кој сега често завршува во реките и езерата.
Според експертката и адвокатка за заштита на животна средина Евгенија Крстевска, доколку прекините на вода за пиење траат повеќе од 12 часа, комуналните претпријатија се должни да обезбедат вода за населението во тој период со цистерни или преку подвижни чешми.
Крстевска на дискусијата укажа на парадоксот во Законот за водоснабдување дека граѓаните мора да ја платат сметката за вода, иако водата за пиење не е квалитетна или корисниците не се задоволни од нејзиниот квалитет.