Фактот што ЕУ покажа волја, енергија и сила да донесе одлука за старт на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија во овие тешки времиња е многу важен сигнал за нас, изјави министерот за надворешни Никола Димитров за бриселскиот портал „Политико“.
– Откако коронавирусот ќе биде зад нас, ние ќе имаме европска иднина пред нас. Тоа е зрак на светлина во оваа темнина што е насекаде околу нас, нагласува Димитров, по вчерашната одлука на министрите за европски прашања на ЕУ дека Северна Македонија треба да започне преговори за членство без никакви дополнителни услови.
Коментирајќи ја вчерашната одлука на европските министри, „Политико“ наведува дека тоа е „доказ оти блокот од 27 члена може да постигне договор за тема што долго време предизвикуваше поделби, дури и кога Европа е во состојба на криза поради коронавирусот“.
– ЕУ останува оперативна, ја пренесува порталот изјавата на хрватската државна секретарка за европски прашања Андреја Метелко-Згомбиќ.
Порталот наведува дека сега Европската комисија треба да подготви преговарачка рамка со двете земји, што потоа треба да биде поддржана од земјите членки на ЕУ, за на крај да се одржат меѓувладини конференции.
„Политико“ потесетува и дека додека за земјава не се поставени никакви предуслови за старт на преговорите, Албанија ќе мора да исполни дополнителни услови пред да биде подготвена за следните чекори од преговарачкиот процес.