Генералниот секретар на Демократски сојуз (ДС), Зоран Димитровски, на панелот на ЦИВИЛ „Зад димната завеса: Со референдум или на него“ меѓу другото изјави дека референдумот е највисокото демократско изразување на граѓаните и како таков треба да се негува како институција. Но, суштинскиот проблем со референдумите во Македонија е излезноста.
„Ако вие немате 50% излезност, а многу тешко е да имате, во случај сите политички и етнички структури во земјава да немаат еднинствен став дали ќе поддржат референдум како начин за изјаснување за одредено прашање, вие на крајот имате неуспешен референдум. Од тие причини во Македонија имаме само еден успешен референдум, за независноста и самостојноста, кој патем речено исто така беше бојкотиран од една етничка структура, вели Димитровски.
Димитровски е со став дека ВМРО-ДПМНЕ однапред знеше дека референдумот нема да им биде успешен.
„Тие тоа го знаат. Го прават затоа што им треба една „политичка вежба“ на своето гласачко тело, да видат колку гласачи можат да придобијат и да видат колку граѓани можат да „закачат“ кои во изминатиот период беа изреволтирани од она што се случуваше со францускиот предлог“, додава Димитровски.
Тој додава дека референдумското прашање не е релевантно за овој момент. Тоа политичко прашање беше релевантно пред три години.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ сметала дека за договорот со Бугарија требало да се разговара, тогаш прашањето требало да се постави порано. Сега кога тоа е дел од сите меѓународни документи кои се важни за евро-интеграциските процеси за Македонија, сметам дека е политичка провокација да се поставува такво прашање. Тоа е неодговорно пред се пред домашната јавност“, вели Димитровски.
Д. Варошлија
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети