По пријава од граѓани за излеана темна дамка во реката Вардар кај Градско, државен инспектор за животна средина темелно ги истражи можните извори и утврди дека излевањето потекнува од оранжериите Вардар АД од Градско. Казна има и за опожарување на депонија во Велес, што предизвикало загадување на воздухот..
Според информациите од од Државен инспекторат за животна средина, мазутот не се користел и истекувањето се случило од небрежност и неодржување на складиштето со преостанатите резерви.
„За правното лице е изречена казна од 20.000 евра во денарска противвредност за загадување на површински води, согласно Законот за води. Наредено е и чистење на остатоците од излевањето во кругот на оранжериите, како и склучување договор со компанија лиценцирана за транспорт и отстранување на опасен отпад. Наредниот ден е извршен и дополнителен контролен надзор при кој е утврдено дека правното лице има постапено по наредбата,“ информираат од Државен инспекторат за животна средина.
Инаку, вчера, на 29 јули, државен инспектор за животна средина извршил надзор на запалена депонија во Велес, од која беше загаден и воздухот во градот.
„По надзорот, изречена е казна од 3.000 евра во денарска противвредност и издадена е наредба за примена на законски пропишани технички услови (дневно прекривање со земја и 24-часовен надзор), согласно Законот за управување со отпад“, соопшти Инспекторатот.
Државниот инспекторат за животна средина продолжува со надзори на општинските непрописни депонии и тоа во: Пробиштип, Охрид, Струмица, Берово, Ново Село, Русино и секаде каде што комуналните претпријатија не постапуваат согласно закон. Известување до сите потенцијални загадувачи дека Инспекторатот повеќе не дава опомени, туку преминува директно на санкции. Нема оправдување за пожарите на депониите, бидејќи граѓаните не смеат да дишат загаден воздух,“ се вели во соопштението на Државниот инспекторат за животна средина./
Извор: МЕТА