„Собранието на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси даде целосна поддршка за спроведување на Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси 2021-2025. Кога ќе бидат објавени и заклучоците од Собранието во Службен весник, истите ќе ги достави до ДКСК заедно со стенограмите од сите дискусии и идеи што беа кажани од пратениците, а кои ДКСК ќе ги има предвид во натамошното ревидирање на стратегијата“, изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на денешната прес-конференција по повод усвојувањето на Стратегијата во Собранието на РСМ.
Со цел Собранието да има увид во спроведување на стратегијата, во текот на годината ќе организира надзорни комисии која ќе повикува одговорни лица од одредени сектори, но и претставници на ДКСК кои ќе треба да дадат отчет за сработеното.
Стратегијата е пред сè проактивен и превентивен механизам за справување со корупцијата која преку целите и мерките треба да се обезбеди подигнување на довербата во институциите на системот, ефикасно користење на јавните ресурси и јакнење на демократијата, општествените вредности и остварување на човековите права.
„Како приоритетни области во кои проблемите и ризиците се протегаат низ целиот општествен и економски спектар или систем во земјата во сите сектори беа детектирани јавните набавки и вработувањето во јавниот сектор. Овие се таканаречени хоризонтални проблеми што се протегаат низ сите 13 сектори во стратегијата: политичкиот систем, правосудството, органите на спроведување на законот, здравството, образованието, труд и социјала, економија и бизнис, јавни претпријатија, како и медиумите и граѓанското општество. Медиумите и граѓанското општество беа набљудувани од два аспекти, како сектори што можат да придонесат во борбата против корупцијата, но и како ризични коишто можат да бидат, исто така, подложни на коруптивни дејства“, изјави Владимир Георгиев, член на ДКСК, додавајќи дека се воведени уште четири сектори проценети како ризични, урбанизмот и просторното планирање, животната средина, земјоделството и спортот.
Самиот начин на следење на имплементација на Стратегијата ќе се спроведува преку електронски систем на известување за кој што ДКСК веќе работи во рамките на проект финансиран од ИПА фондовите на ЕУ.
Стратегијата е усвоена од Собранието онака како што е доставена од ДКСК, бе никакви измени.
Членовите на ДКСК е заблагодарија на сите што дадоа свој придонес кон подготовката на Стратегијата, со надеж дека ќе останат доследни во нејзиното спроведување.
Б. Ј.