Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница соопшти дека отвора нови предмети за петмина судии на кои ќе ги проверува имотните состојби преку анкетните листови кои тие ги доставиле. Станува збор за претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски и поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски, како и три судии: Софија Лаличиќ, Светлана Костова и Александра Зафировска.
Истраги ќе се водат и за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот заменик за надворешни работи, Илија Исајловски, и ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.
По допрен глас ќе се испитува и судир на интереси за Јордан Тасевски и за Марија Димитровска внука и внук на судијата Владимир Панчевски од Кривичен суд, и за Маја Ристовска, сопруга на поранешниот министер Спиро Ристовски вработена во МАПАС.
По службена должност на денешната седница ДКСК усвои одлука за отворање предмети за листа на 18 лица кои извршуваат две или повеќе функции во исто време.