АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
На 31 јануари ќе се одржи седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, на кој би се расправало за ситуацијата во Украина. Тоа е шанса Русија пред Советот за безбедност да открие дали патот за излез од кризата го гледа во дипломатијата или е заинтересирана за конфликт.
Телефонски разговори Бајден-Путин, средби на делегациите Русија-НАТО, Русија- ЕУ, Русија- ОБСЕ, Нормандиска четворка во Париз, преговори во Женева, изјави на Блинкен, Столтенберг, Лавров.
„Добро вооружени трупи, артилерија, ракетни системи се распоредуваат долж Украинската граница, Русите спремаат напад на Украина-НАТО започнува маневри“. Ова се главните наслови во светските медиуми со кои го одбележуваме третиот месец од почетокот на кризата околу украинско руската граница.
Данска испраќа фрегата во Балтичко море и четири авиони Ф-16 во Литванија. Шпанија испраќа бродови кои ќе се придружат на поморските сили на НАТО и размислува да испрати борбени авиони во Бугарија. Франција е спремна да испрати борбени авиони во Романија кои ќе бидат под команда на НАТО.
Дали закажаните нови серии разговори во идниот месец навестуваат мирен расплет на кризата или понатамошна ескалација. За двете опции постојат сериозни најави. Да бидеме оптимисти -додека луѓето разговараат-оружјето ќе молчи.
Kако што пишуваше Цивил Медиа уште на почетокот на кризата „Америка и Русија нема да влезат во војна поради Украина“. Но и понатаму ќе ги билдаат мускулите додека секоја страна не „избоксува“ максимум од она што и е на агендата.
Оружјето како „трета страна“ во преговорите
Русија им постави на САД и на Алијансата ултимативно барање да се обврзат дека Украина нема никогаш да влезе во НАТО и за тоа побара писмени гаранции. САД му испратија на Путин одговор дека таквото барање не можат да му исполнат но остануваат отворени за разговор околу разоружување демилитаризација на одредени простори, зголемување на транспарентност, подобри комуникации. Путин уште ги проучува овие одговори и наредната недела веројатно ќе заземе став. Во меѓувреме за да ја „зајакне преговарачката позиција“ испраќа дополнителни воени потенцијали, уфрлува паравоени формации на делови од украинската територија кои се окупирани во 2014 година на Крим, предизвикува инциденти во касарните, води хибридна војна против Украина и Запад. Западот се обидува на дипломатски начин да го реши проблемот, но и му се заканува на Путин дека Русија ќе сноси сериозни санкции доколку се обиде да го загрози територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Путин одговара: „Не, ние својата војска можеме да ја распоредуваме и раздвижуваме како сакаме внатре во своите граници, а Западот е тој кој го прекршува непишаниот договор дека НАТО нема да го проширува своето влијание на Исток“.
Разлика помеѓу дипломат и дама
Една од првите лекции која се учи во дипломатски училишта е – која е разликата помеѓу дипломат и дама. Вели: „Кога дипломатот ќе каже ДА значи можеби, кога ќе каже можеби значи НЕ, кога ќе каже Не – не е дипломат. Кога дамата ќе каже Не – значи можеби, кога ќе каже можеби значи Да, кога ќе каже Да- не е дама“. Меѓународната заедница е сконцентрирана на пронаоѓање на дипломатското решение. Тоа ќе трае долго но -додека луѓето разговараат, оружјето молчи. Очекувањата се дека дипломатските напори ќе донесат мирна разврска.
Вашингтон порачува дека ќе ја продолжи политиката на отворени врати и спремен е за продолжение на разговорите, и бара во понеделник на 31 јануари да се одржи седница на Советот за безбедност на Обединетите нации на кој би се расправало за ситуацијата во Украина. Тоа е шанса Русија пред Советот за безбедност да открие дали патот за излез од кризата го гледа во дипломатијата или е заинтересирана за конфликт.
До Русија за сега цврсто стои само Белорусија, која оваа недела и забрани на Србија да извезува храна во Белорусија како одговор на санкциите кои и се воведени од страна на ЕУ.
САД ставија во воена подготвеност 8500 војници, ЕУ испраќа во Украина војна опрема, ако треба спремна е да испрати и додатни воени тимови, логистика, авијација, разузнавачи, медицински екипи.
Додека чекаме крај на кризата, набљудувачи, експерти, аналитичари и обичните граѓани ширум светот се прашуваат дали е ова игра на нервите помеѓу големите сили, или навистина постои опасност од отворен конфликт помеѓу Исток и Запад.
Логиката на однесувањето на сите страни, а посебно на Русија, сепак покажува дека конечната цел не е конфликт, не е цел да се прегази Украина, да се заземе нејзината територија. Се работи за поставување на руските црвени линии и обидот светото да го врати во некои рамки на Европа од 1997 година. Тоа е позиционирање на Русија, која со оглед што сѐ преземала и економски и воено на некои други места во светот во последните години, и дава за право да може вака да се однесува и кон Украина и кон НАТО и кон САД.
Топката е на руска страна
САД и испратија на Москва пишан одговор со цел да ја одвратат Русија од инвазија на Украина. Државниот секретар Ентони Блинкен изјавил дека „тоа е сериозен дипломатски пат“ и дека во наредните денови повторно ќе разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Пишаниот одговор има за цел да и одговори на Москва за нејзината загриженост дека и се загрозени националните интереси. САД во одговорот потенцираат дека постојат можности за напредок во преговорите околу контрола на оружјето, транспарентност и стабилност, дека би можеле да пронајдат заеднички јазик. „Документот кој и го предадовме на Москва ја изразува нашата и загриженост на нашите сојузници и партнери во врска со однесувањето на Русија кое ја поткопува безбедноста.“
Уште не е јасно дали оваа иницијатива ќе го смени текот на преговорите помеѓу Русија и Запад. Главното барање на рускиот претседател Владимир Путин е САД и НАТО да се обврзат дека никогаш нема да ја примат Украина во Алијансата. Блинкен не ги прецизирал деталите од одговорот но изјавиле дека Запад ја подржува политиката на отворени врати на НАТО и дека е одбиено барањето на Москва дека НАТО се обврзува дека никогаш нема да ја прими Украина. „Во ставот на НАТО и САД – нема промени, и нема да ги има кога е во прашање политиката на отворените врати јасно ставаме до знаење дека постојат клучни принципи на кои сме посветени и кои ќе ги браниме, вклучувајќи суверенитет и територијален интегритет на Украина, и право на државите да бираат сопствените безбедносни аранжмани и сојузи. Топката е сега на рускиот терен“- изјавил Блинкен. Мислам дека постојат важни прашања со кои Русија сега треба да се занимава а тоа пред се зависи од претседателот Путин.
Да го вратиме „црвениот телефон“
Блинкен нагласил дека: „пишаниот одговор не е формален преговарачки документ и тоа не се експлицитни предлози но јасно се ставени областите и некои идеи како можеме заеднички, ако се и тие сериозни, да ја унапредиме колективната безбедност“. Блинкен изјавил дека одговорот на САД бил во директна координација со Украина и европските сојузници и партнери, и дека Украина ја има копијата од одговорот. Документот е доставен и до Конгресот на САД но нема јавно да го објават бидејќи сметаат дека дипломатијата има поголеми шанси во доверливи разговори.
И НАТО во среда и испрати на Москва одговор на нејзините безбедносни барања.
„Одговорот и предлозите на НАТО се испратени паралелно со одговорот на САД“ изјавил генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг на прес конференција во Брисел. Иако позициите на Москва и Алијансата се дијаметрално спротивни, шефот на НАТО навел три области во кои НАТО гледа дека може да се постигне напредокот. Тој побарал Москва и НАТО повторно да ги отворат своите канцеларии во Москва и Брисел, да се искористат постоечките канали за врски помеѓу војските како би се зголемила транспарентност и намалиле ризиците од инциденти, и да се разгледа можност за „цивилна телефонска линија “ меѓу двете страни за итни случаеви. Тој се надева дека овие предлози ќе ја стимулираат дипломатијата да се реши проблемот.
Покажување мускули
Не веруваме дека Русија планира напад на Украина, натрупување на воените потенцијали е попрво да се одврати Украина од обидот да спроведе некакви ослободителни акции во Донбас, и доколку Украина тргне во таква акција тогаш Русија ќе биде приморана да интервенира бидејќи локалните снаги кои се таму не можат самите да се одбранат. Пишаниот одговор кој го до би Русија, без оглед на неговата содржина наредните денови ќе покаже дали Москва е „задоволна“ бидејќи со тоа писмо е отворен дијалог околу прашањата за кои Русија смета дека и се исклучително важни. Сега ќе имаме покажување на мускули од двете страни. Русија и понатаму ќе натрупува воени потенцијали околу Украина и ќе поставува максималистичките барања сонувајќи да се врати на големата сцена од времето на СССР кога земјите на Источен блок практично имаа ограничен суверенитет и работеа само она што ќе каже Москва.
Зошто е Украина толку важна на Русија, тоа е пред се прашање на ресурсите и прашање на геополитика и на крај прашање на суетата. Украина е најзначајната бивша Советска република, покрај Белорусија и таа имаше потполно друга положба и во време на Советскиот сојуз. Свртување на Украина кон Запад е исклучително болно за Русија пред се поради промена на геополитичка рамнотежа. Но на Русија реално не и се исплати да влегува во Украина, бидејќи тоа што и требало од Украина таа веќе го земала. Меѓутоа ако Украина се обиде да го ослободи просторот на Донбас, тогаш може да се повтори ситуацијата која се случила во Грузија кога таа се обиде да ја врати Јужна Осетија и Абхазија во свој територијален интегритет. Реагираше руска војска во Грузија и 2008 година потполно ја порази Грузија. Такво сценарио не посакуваат ни Украина ни Русија, а најмалку меѓународната заедница.
Тренирање строгост и Кинеска „жетва“
Вашингтон побара во понеделник на 31 јануари да се одржи седница на Советот за безбедност на ОН каде Кина има право на вето. Може ли нејзиниот глас да биде преломен во дадената ситуација, барем што се однесува до евентуалната резолуција која ќе ја предложи или усвои Советот за безбедност на ОН. Кина во целата приказна молчи. Има еден факт кој не е многу познат на пошироката јавност. Кина има голем економски интерес во Украина бидејќи во 2013 година купи 5 проценти од вкупната обработливата површина во Украина. Споредбено, тоа е површина колку денешна Белгија каде одгледува огромни количини житарици и кои после жетвата ги извезува во Кина. Така што Кина има голем интерес во Украина да биде мирно.
После осумчасовните разговори во Париз, Нормандиска четворка не ги реши сите прашања но сите учесници во разговорот го поддржуваат безусловен прекин на огин. Постојат големи разидувања помеѓу Руската и Украинска страна околу спроведување на спогодбата од Минск, но постои желба да се надминат. Москва се надева дека позициите ќе се доближат за две недели за кога е најавена нова средба на истата четворка во Берлин. Но паралелно со нив Русија покрај артиљерија сега испратила во Белорусија и падобранска единица и борбените авиони Су-35. Вакво натрупување на војска во Белорусија, северно од Украина може да се толкува само како подготвување на нов фронт за напад на Украина. Руска артилерија е распоредена и во Ростов кој се граничи со Украина, а на север руските воени бродови се распоредени во Баренцово море каде симулираат заштита на пловниот пат кон Арктик.
Вести од Источен фронт
Во Вести од источниот фронт Русија постојано се обидува да се прикаже како жртва, како таа да е нападната. А во интервју за Цивил Медиа Украинската амбасадорка во Македонија, Н. Е. Наталија Задорожњук вели дека заканата од војна е реална, а реални се и дејствата на Русија за дестабилизација на внатрешната ситуација во Украина.