Синоќа, во просториите на новоотворениот Клуб на новинари беа доделени годишните награди на Здружението на новинари на Македонија.
Годинешната награда „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство отиде во рацете на Владо Апостолов за серијата истражувачки текстови „Досие Здравев“, објавени на „Призма“, за имотите кои се поврзуваат со Владимир Здравев, поранешен претседавач на Советот во Општина Центар и директор на МЕПСО, а актуелен член на Одборот директори на Македонски Телеком.
Наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, годинава ја доби фоторепортерот Ѓорѓи Личовски. Личовски, долгогодишен соработник на Европската прес агенција (ЕПА) од Германија. Неговите фотографии се објавувани на насловните странии на најпрестижните светски медиуми. Минатата година Личовски доби бронзен медал на германската Академија Лид за трета најдобра фотографија објавена во германски медиум, а за фотографијата на двете деца пред полициски кордон, снимена на македонско-грчката граница кај Гевгелија, Личовски е добитник на наградата за Најдобра објавена фотографија во светот во 2015 година од фондацијата „Марко Лучета“ од Италија и наградата за фотографија на годината на УНИЦЕФ за 2015-та.
Личовски беше еден од предавачите на семинарите на ЦИВИЛ – Центар за слобода од проектот „Граѓански објектив“.
Специјална награда од ЗНМ доби Мефаил Исмаили од телевизијата „Шења“ кој во својот прилог успеа да овековечи една злоупотреба со картичките за присуство на пратеници од Собранието..