По неколкунеделни преговори со посредништво на Катар, Израел и Хамас постигнаа договор за четиридневно примирје и размена на неколку десетици заробени цивили од двете страни.
Договорот за примирје добива широка поддршка од повеќе фактори во меѓународната заедница.
Еден од првите кои ја изразија својата поддршка за примирјето беше палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој ги пофали напорите на Египет и Катар во медијацијата на спорот, и повика на „сеопфатен прекин на израелската агресија врз палестинскиот народ“.
Како што јавува МИА, договорот беше поздравен и од високите претставници на Европската Унија. Во писмена изјава, Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен изрази благодарност „на сите оние кои неуморно работеа преку дипломатски канали во последните недели за да го издејствуваат овој договор“.
„Од се срце го поздравувам постигнатиот договор за ослободување на 50-те заложници и за пауза во непријателствата. Секој ден во кој овие мајки и деца се држат како заложници од терористите е премногу. Ја споделувам радоста на семејствата кои наскоро ќе можат повторно да ги прегрнат своите најблиски„ наведе Фон дер Лајен во пораката.
Германската министерка за надворешни работи го поздрави договорот за примирје и ослободување на заложниците преку статус на социјалната мрежа „Икс„.
Најавеното ослободување на првата голема група заложници е пробив , иако ништо на светот не може да го поништи нивното страдање. Хуманитарната пауза мора да се искористи за да се достави витална помош за луѓето во Газа.
Примирјето претставува прв прекин на огнот во конфликтот во Газа, откако истиот започна пред шест недели со нападот на Хамас на 07 октомври. Досега, во конфликтот беа убиени речиси 15 000 цивили.