СДСМ смета дека ицијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Собранието на 12 февруари е само блеф. Од владејачката партија сметаат дека опозицијата се решила на ваков чекор за да го блокира Предлог-законот за јавно обвинителство, иако од партијата на Христијан Мицкоски најавија дека сакаат да се донесе законот за Јавно обвинителство.
Од ВМРО-ДПМНЕ веќе побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери да свика седница за распуштање на законодавниот дом за да докажат дека нивната иницијатива е сериозна.
Џафери, повикувајќи се на Уставот, смета дека Собранието треба да се распушти на 12 февруари. Доколку власта не предложи таква иницијатива, тогаш Џафери ќе го стави на гласање предлогот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Немам причина да не го ставам на гласање предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, без разлика од што е мотивиран тој предлог. Тој е легитимен во контекст на постапките и мора да се разгледа на седница. Поради фактот што роковите одговараат на 12 февруари, нема да ја ставам на дневен ред таа одлука до 12 февруари. Деловникот не вели дека одлуката за распуштање на Собранието не треба да дојде од мнозинството или од опозицијата. Секој пратеник може да го даде тој предлог“, рече Џафери во емисијата „Патот кон…“ на Алсат М.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, вели дека ЕУ бара да имаме нов закон за јавно обвинителство и дека една политичка партија не треба да го блокира неговото донесување. Според Села, новиот предлог – закон за јавно обвинителство треба да помине, но не „така, бланко“ како што предлага Владата, туку со искажаните забелешки од кои голем дел се веќе уважени.
„Никој не треба ноншалантно да се однесува и да ја блокира надежта што ја имаме, дека во март ќе добиеме датум за преговори со ЕУ“, истакна Села.
Во меѓувреме, преговорите за Предлог-законот за јавно обвинителство се стопирани. Власта очекува опозицијата да предложи амандмани, додека опозициската партијата инсистира амандманите да ги изготват експерти.
Дехран Муратов